Линкови за пристапност

Младите од Западен Балкан се помалку исламофобични од младите во Европа


Бројките се 2.5 наспроти 2.9 на скала од 1 до 5. Ова го покажува онлајн истражувањето на јавното мислење спроведено во 4 земји од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, и 4 држави од Западна Европа

Податоците од анкетата укажуваат на тоа дека недоволното знаење за исламската религија резултира со страв и предрасуди кон припадниците на оваа верска заедница, што пак, се основна база за стигматизација на бегалците и мигрантите од Блискиот Исток и Азија.

„Незнаењето води кон поголема исламофобија и прерасуди кон мигрантите и бегалците. Има интересен факт кој вели дека ако знаете барем 5 факти за исламската религија, тогаш сте за 6 проценти помалку склони кон исламофобија. Друг интересен податок е дека 67 проценти од младите во Западен Балкан немале контакт со мигранти, а сепак нивното ниво на предрасуди кон мигрантите е на ниво од Европа, каде 37 проценти од испитаниците немале контакти со мигрантите“, вели Влора Речица од Институтот за демократија.

Според истражувањето, контактот со мигрантите го намалува степенот на исламофобија. Стравот и предрасудите кај младите во голем дел се зголемуваат поради јакнењето на националните чувства, како и поради загриженоста од терористичките напади. Лицата од руралните средини се поподложни на ваквите појави, отколку оние што живеат во градовите. Добиените резултати покажуваат дека има поголема веројатност младите во Европа да поддржат насилни протести, наспроти нивните балкански врсници кои повеќе би биле за „нарушување на редот“. Разликата меѓу овдешните и младите луѓе од Унијата е и во она што најмногу ги загрижува.

„За младите од Западен Балкан позагрижувачки е организираниот криминал, додека за младите од Европа позагрижувачки е тероризмот“, додаде Речица.

Истражувањето е дел од проектот „Поттикнување на промена на стигматизирачки ставови”, и го спроведоа неколку организации од регионот и од земји-членки на ЕУ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG