Линкови за пристапност

ЕУ вели дека нема помош за Палестинците што оди кај Хамас


Прегледот не најде индиции дека парите на ЕУ директно или индиректно биле во корист на терористичката организација Хамас, рече извршниот потпретседател на ЕК Валдис Домбровскис
Прегледот не најде индиции дека парите на ЕУ директно или индиректно биле во корист на терористичката организација Хамас, рече извршниот потпретседател на ЕК Валдис Домбровскис

Европската Унија (ЕУ) денес соопшти дека ревизијата на нејзината развојна помош за Палестинците, наредена по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, не открила докази дека средствата оделе за милитантната група и оти нејзината помош ќе продолжи.

ЕУ е најголемиот обезбедувач на таква помош за Палестинците. Одвои 1,3 милијарди долари за своите програми за периодот помеѓу 2021 и 2024 година.

Европската комисија (ЕК), извршното тело на ЕУ, ја објави ревизијата два дена откако милитантите на Хамас го нападнаа Израел од Газа, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи околу 240 заложници, според израелските податоци.

Официјалните лица рекоа дека прегледот бил нареден како мерка на претпазливост, а не затоа што имале некакви индикации дека парите од ЕУ оделе кај Хамас.

„Прегледот не најде индиции дека парите на ЕУ директно или индиректно биле во корист на терористичката организација Хамас“, рече извршниот потпретседател на Комисијата Валдис Домбровскис.

Развојната помош се користи за проекти дизајнирани да имаат долгорочно влијание, како што се исплата на платите на службениците на палестинската управа, која управува со Западниот Брег, и работата на агенцијата на ОН за палестински бегалци.

Таа е одвоена од хуманитарната помош, наменета за итни потреби за основни работи како храна, вода и засолниште.

Меѓутоа, ЕК рече дека нема да продолжи со плановите за обезбедување на 82,5 милиони долари за инфраструктурни проекти во Газа кои не се „изводливи во сегашниот контекст“.

Тие пари сега ќе одат за други проекти.

Израел започна силно бомбардирање на Газа по нападите на 7 октомври како дел од кампањата за пораз на Хамас.

Владата на енклавата управувана од Хамас вели дека најмалку 13.300 Палестинци се потврдени убиени - вклучително и најмалку 5.600 деца - за време на воздушните напади и инвазијата на Израел.

XS
SM
MD
LG