Линкови за пристапност

Јункер: Време е да се обнови партнерството со САД


Претседателот на Европската комисија и Трамп постигнаа договор да се воздржат од воведување дополнителни царини, со цел да се спречи ескалација на трговската војна

Сега е време да се обнови трговското партнерство со САД, рече претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, обраќајќи се во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.

„Трансатлантското партнерство мора и натаму да остане основа за глобална стабилност и просперитет. Економската врска меѓу САД и Европа е најголема и најважна“, изјави Јункер, понудувајќи ја, како што рече тој, неговата визија за иднината на меѓусебните трговски односи.

Јункер истакна дека Европа е добра за американскиот бизнис, и оти договорот со претседателот Доналд Трамп да не се воведуваат дополнителни казнени царини во наредниот период, ќе доведе до смирување на зголемените трговски тензии.

„Затоа дојдов денеска. Не да понудам одговори, туку да понудам зголемена соработка, со цел секогаш да имаме отворен дијалог со оваа администрација и со сите наши партнери во САД. Верувам дека наместо деструктивни казнени мерки и царини, треба да се фокусираме на вистинските прашања од кои сите страни ќе просперираат “, рече тој, изразувајќи задволство дека иако не дошол со намера да постигне договор, токму тоа се случило.

Тој најави дека преговорите ќе продолжат во наредниот период, а истовремено ќе се разгледаат воведените царини за челик и алуминиум.

Доколку двете страни не отстапат од договореното, рече тој, можно е овие царини да бидат укинати.

Јункер и Трамп, претходно на прес конференција во Белата куќа, најавија примирје и нов почеток во односите на САД и Европа.

Трамп изјави дека се договориле да работат заедно кон нула царини за индустриските производи и укинување на субвенциите, исклучувајќи ја автомобилската индустрија.

„Ќе работиме да ги намалиме бариерите и да ја зголемиме трговијата“, кусо рече Трамп.

Пазарите, дел од американските законодавци и европските лидери, ги поздравија договорот и најавата за примирје, кои ќе доведат до сочувување на милиони работни места.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG