Линкови за пристапност

Имиграцијата - горливо прашање на самитот на ЕУ


Европската Унија се подготвува за дводневниот самит којшто утре започнува во Брисел, а разликите околу имиграциoната политика се чини дека ќе бидат мошне тешко прашање.

Преку 100 мигранти спасени од товарен брод од Либија, по четири дена, конечно беа примени на брегот на Сицилија, а Италија првично одби да му дозволи на бродот да влезе во пристаништето.

Матео Салвини, италијанскиот министер за внатрешни работи и претседател на екстремно десничарската партија Лега, која е дел од владејачката коалиција, во понеделникот ја посети Либија и ги повтори барањата на официјален Рим - блокирање на мигрантските и спасувачки бродови, споделување на квотите за мигранти во Европската Унија и центрите за азил во Африка. Оттука, се поставува прашањето дали неговиот тврд став претставува закана за сојузништвото во ЕУ.

Обидот да се зачува целоста Унијата е традиционалното политичко јадро на Европа и во таа насока тука е француско-германската алијанса. Соочувајќи се со домашните притисоци за имиграцијата, германската канцеларка Меркел свика итен состанок по прашањето во неделата, но беше бојкотирана од неколку источни земји-членки, кои одбиваат да земат квоти за бегалци.

Се верува дека миграцијата ќе доминира на самитот, а ќе се расправа и за неколку други прашања, како реформите во еврозоната и безбедносната соработка, кои се предводени од Франција. Девет држави на ЕУ неделава потпишаа договор за заедничка воена единица за брзо распоредување во време на криза.

Притоа, Велика Британија ја понуди својата поддршка, надевајќи се дека ќе ги одржи одбранбените врски, додека ја напушта ЕУ. Сепак, напредокот во таканаречените разговори во Брегзит е блокиран, зголемувајќи ги стравувањата дека Велика Британија следниот март може да заврши и без договор.

Во услови на актуелните случувања, особено околу превирањата за имиграцијата, Брегзит е мошне ниско на листата приоритети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG