Линкови за пристапност

ЕУ не ја осуди Шпанија


Каталонците очекуваа Европската комисија да проговори против насилството за време на референдумот

Беа потребни повеќе од 24 часа пред Европската комисија да проговори за насилството за време на референдумот за независност во шпанската провинција Каталонија, каде што по насилната акција од страна на шпанската полиција и цивилна гарда, беа повредени преку 800 лица.

Соопштението не им се допадна на каталонските сепаратисти.

„Ги повикуваме сите релевантни страни да се придвижат од конфронтација кон дијалог“, се вели во соопштението на ова европско тело. „Насилството никогаш не може да биде инструмент во политиката“.

За гневот на сецесионистите да биде уште поголем, Европската комисија му даде поддршка на шпанскиот централно-десничарски премиер, Мариано Рахој, велејќи дека му верува „во управувањето со тешкиот процес, почитувајќи го шпанскиот Устав и правата на граѓаните“.

Каталонските сепаратисти се надеваа дека полициската акција врз гласачите ќе поттикне директна интервенција на лидерите на ЕУ во нивниот спор со националната влада во Мадрид.

Но, засега нема знаци дека Брисел сака да стане дел од кризата, за кои некои стравуваат дека може да се прошири во поголемо насилство, ако каталонските сепаратисти го остварат ветувањето дека ќе објават независност. Во соопштението од европското извршно тело се вели: „За Европската комисија, како што и неколкупати повтори претседателот Жан-Клод Јункер, ова е внатрешно прашање на Шпанија, кое мора да се реши во согласност со уставниот поредок на Шпанија“.

Аналитичарите велат дека насилството го вклучило алармот во ЕУ каде постои загриженост дека тоа ќе поттикне радикален сепаратизам и во други земји.

Во исто време, лидерите на ЕУ стравуваат дека интервенцијата ќе поттикне сепаратистичките движења да бараат помош од Брисел, како Фламанците во Белгија, Баскијците во Шпанија или во слични движења во други делови на континентот.

Пред неделното гласање, шпанската влада и Уставниот суд го прогласија референдумот за нелегален. Европски официјални претставници приватно изразија сомнеж за тврдите позиции на Мадрид и на каталонските сепаратисти.

Виши европски претставници јавно го критикуваа референдумот за независност на Каталонија.

Но зад сцената, тие се загрижени дека Рахој ја презира определбата на сепаратистите. Тие се надеваат дека тој ќе ја смири кризата, избегнувајќи ги судовите и ќе понуди дијалог и отстапки во обид да избегне конфронтација која што се чини дека сецесионистите ја посакуваат.

Европската Унија се соочува со сериозна уставна и политичка криза во петтата по големина земја-членка, во време кога се соочува со Брегзит, бегалската криза и руската агресија на источната граница.

Владите на земјите-членки на ЕУ јавно ја даваат поддршката за Мадрид или претпочитаат да молчат.

Само премиерите на Белгија и на Словенија изразија јавно несогласување со користењето на сила од страна на Мадрид.

Опозиционите лидери од европските држави, соседи на Шпанија се чувствуваат помалку ограничени и ги повикаа своите национални водачи да ги осудат полициските акции. Лидерот на германските социјал-демократи Мартин Шулц, настаните ги опиша како „загрижувачка“ ескалација.

Лидерот на лабуристите во Британија, Џереми Корбин, побара од владата во Лондон „да поднесе директно барање до Рахој, за да стави крај на полициското насилство во Каталонија и да најде политичко решение за оваа уставна криза“. Првиот министер на Шкотска, Никола Стурџеон, чија Шкотска националистичка партија испрати набљудувачи да го следат референдум, на Твитер напиша: „вистински пријател на Шпанија би им кажал дека денешните акции се погрешни и штетни“.

И покрај медиумската критика и осудата од европските опозициони политичари, шпанската влада не се колебаше да потврди дека референдумот бил нелегален и била принудена да преземе акција кон каталонските сепаратисти за која тврди дека подготвувале државен удар. Нема знаци дека Рахој планира да го омекне својот став. Тој за насилството ги обвини „оние што го прекршиле законот“.

Исто така, не изгледа дека каталонските сепаратисти сакаат да ја исклучат Европската Унија од кризата. Карлес Пуџдемонт, раководител на регионалната влада на Каталонија, јасно стави до знаење дека сака да го вклучи Блокот во ќор-сокакот меѓу Мадрид и Барселона, и дека ќе поднесе жалба до Брисел за да ги разгледа наводите за кршење на човековите права за време на гласањето. Тој додаде дека ќе побара од Унијата да помогне во преговорите за транзиција кон независност на Каталонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG