Линкови за пристапност

Нетрпелив сум да ја видам Северна Македонија во ЕУ, изјави сенаторот Риш, по денешната одлука за oдобрување почеток на преговори


Претседавачот со Сенатската комисија за надворешни работи, во изјава за Гласот на Америка, рече оти е задоволен што Европската Унија конечно постигнала политички договор за пристапни преговори со државата

Иднината на Балканот е со Европа, и задоволен сум што Европската Унија конечно постигна политички договор за отворање пристапни преговори со Северна Македонија, изјави за Гласот на Америка, Џејмс Риш, претседавач со Комисијата за надворешни работи на Сенатот.

„Да се држат вратите на ЕУ отворени за европските држави, како Северна Македонија, покажува натамошна важност на оваа организација. Нетрпелив сум да ја видам Северна Македонија, и се надевам и Албанија, да го завршат овој тежок, но, суштински процес на реформи потребни за евентуално приклучување кон оваа важна Унија“, изјави сенаторот Риш, коментирајќи ја денешната одлука на министрите за надворешни работи на ЕУ да одобрат почеток на преговори.

Риш додаде дека како долгогодишен поддржувач на членството на Северна Македонија во Северноатлантската организација, му било драго што конечно ја поздравил државата како 30. членка минатата недела.

Денешната одлука за отворање пристапни преговори на Северна Македонија и Албанија, ја поздрави и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој на Твитер им честита на двете држави.

„Ова испраќа јасна и гласна порака до Западен Балкан: Иднината е во ЕУ“, напиша Вархеји.

И високиот претставник на ЕУ Борел, ја поздрави одлуката, и најави дека Унијата ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан.

По оваа одлука, отворена е писмена процедура за формално усвојување на заклучоците, која се очекува да заврши утре.

„Денешниот политички договор да се отворат пристапни преговори со Албанија и Република Македонија е признание за значајните реформски напори од страна на двете држави. Патот до пристапување е долг. Навистина сум задоволна што е отворена нова фаза во процесот на пристапување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ за време на хрватското претседателство“, изјави хрватската државна секретарка за европски прашања Андреја Метелко - Згомбиќ.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес на прес конференција со техничкиот премиер Оливер Спасовски и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, рече дека НАТО и новото поглавје со ЕУ се реалност, со кои се отвора нова перспектива за иднината на државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG