Линкови за пристапност

Корупцијата ја чини ЕУ 120 милијарди евра годишно

„Извештајот јасно покажува дека нивото на корупција варира од една земја-членка до друга, но се одразува на сите. Нема земја каде таа воопшто не е присутна“, вели Малмстром
„Извештајот јасно покажува дека нивото на корупција варира од една земја-членка до друга, но се одразува на сите. Нема земја каде таа воопшто не е присутна“, вели Малмстром

Кажа еврокомесарката за домашни работи Сесилија Малмстром на промоцијата на најнов извештај за проблемот.

Преку три четвртини од Европејците веруваат дека корупцијата е широкораспространета во нивната земја. Можеби и со право - според првиот извештај на Европската унија за корупцијата во рамки на земјите-членки, таа допрела многу делови на секојдневието, од добивањето на владини договори, до финансирањето на политичките партии.

Претставувајќи ги главните наоди на прес-конференција во Брисел, еврокомесарката за домашни работи Сесилија Малмстром кажа дека штетата од корупцијата годишно изнесува преку 120 милијарди евра и дека тоа негативно се одразува на закрепнувањето од економската криза.

„Извештајот јасно покажува дека нивото на корупција варира од една земја-членка до друга, но се одразува на сите. Нема земја каде таа воопшто не е присутна“, рече Малмстром.

Извештајот се базира на претставата за корупцијата и искуството на дел од жителите на ЕУ и тамошните компании. Иако не ги рангира 28-те земји-членки, тој сепак утврдува дека претставата за широкораспространета корупција е најсилна во Грција, Шпанија, Италија и Чешката Република.

Барем еден на секои 12 жители на ЕУ вели дека искусил појава на корупција последниве 12 месеци. 40% од компаниите во ЕУ сметаат дека корупцијата претставува проблем во работењето.

Иако извештајот предлага како земјите да се справат со проблемот, тој не повикува на казни и правни реформи. Па сепак, Малмстром верува дека тој ќе предизвика дискусија и акција меѓу земјите-членки.

„Нормално, потребно е многу повеќе од еден извештај да се искорени корупцијата. Но, додека го бараме излезот од економската криза, тој може да биде средство. Не смееме да си дозволиме да одолговлекуваме - цената е превисока“, коментираше еврокомесарката.

Организацијата што го следи проблемот со корупцијата, Транспаренси интернешанал, смета дека извештајот е „важен прв чекор“. Но, Карл Долан, задолжен за ЕУ во Траснпаренси, смета дека истражувањето можело да појде и подалеку.

„Интересно е дека нема оддел за корупцијата во институциите на ЕУ; влегување на мала врата, лобирање, јавни набавки - сите важни нешта за инситуциите на ЕУ“, наведува Долан.

Транспаренси интернешанал во април ќе објави свој извештај за корупцијата во институциите на ЕУ.
This item is part of
XS
SM
MD
LG