Линкови за пристапност

ЕУ бара договор за кризата неделава


Македонија - лидерска средба
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:35 0:00

Во текот на наредните денови, се очекува лидерска средба на четирите партии

Се уште не се знае кога ќе се одржи средбата на лидерската четворка Груевски-Заев-Ахмети-Тачи. Информациите се дека тоа најверојатно ќе се случи во наредните денови, но не се прецизира датумот. Контактите меѓу политичките партии, на кои присуствувале и дипломати, во изминатиот период биле на пониско ниво и на нив, неофицијално, се подготвувал теренот за разговор меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА.

Во текот на викендов, социјалдемократите соопштија дека се создадени услови за нов собир на партиските лидери за, како што изјавија, што е можно поитно исполнување на условите за брзи, фер, слободни и демократски избори.

Европската унија, дури и со доза на оптимизам, порача дека договор за излез од кризата треба да се постигне во текот на оваа седмица, откако претходно беше затворено исклучително проблематичното прашање за помилувањата, кое беше главен кочничар за продолжување на лидерскиот дијалог.

На коплексноста на ситуација се надоврзуваат и сигналите од ДПА.

Претседателот на партијата Мендух Тачи, на брифинг, изјавил дека на таков формат на состанок нема што да се понуди за излез од кризата.

Спред него, таква средба би била несериозна и не верува дека ќе се одржи. Тој решението го гледа во формирање широка коалициска влада, во која половина од министерските места што сега ги има ДУИ би ги добила ДПА.

И дел од експертите, кои ги праша Гласот на Америка се песимисти дека во скоро време ќе има некаков договор. Според професорот на Правниот факултет Ненад Марковиќ, состојбата ќе се решава постепено.

„Како никогаш досега ситуацијата може да се дефинира како политички ќорсокак, можеби затоа што повеќе актери пробаа, секој на свој начин, од меѓународната заедница, од Шарената револуција, од политичките партии за разрешување на кризата, но никој не успеа да наметне дефинитивно влијание и да биде дефинитивен фактор кој би ги придвижил работите напред. Мене целата политичка ситуација ми изгледа прилично импотентна. Нормално, секој од овие актери се води од своите интереси, но во овој момент никој не е доволно силен за да може да повлече потег, кој би бил конечен и би бил разрешница“, вели професорот Марковиќ.

Паралелно со барањето политичко решение, Шарената револуција ги брои деновите до 18-ти јуни, рокот за исполнување на нивните барања – произнесување за уставноста на СЈО и прекин на прогонот на нивните активисти.

XS
SM
MD
LG