Лидерите на владите на земјите-членки на Европската Унија утре имаат средба на која ќе се разговара и за одлуката на највисокиот суд на Полска дека делови од европското законодавство не биле во согласност со полскиот Устав.
Што може да се очекува од утрешниот состанок на кој ќе се дискутира за фундаментални правни и политички прашања, може да се суди и од денешната конфронтација во Европскиот Парламент меѓу претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Урсула фон дер Лајен предупреди дека позицијата на полскиот суд ги поткопува темелите на Европската Унија
Фон дер Лајен ѝ се закани на Полска со суспензија на правата на гласање во ЕУ, како и со кратење на европските фондови.
Полска добила 227 милијарди долари од фондовите на ЕУ откако му се приклучи на блокот во 2004 година, а вложила во Унијата 72 милијарди долари.
„Длабоко сум загрижена. Оваа одлука ги доведува во прашање основните темели на Европската Унија. Ова е директен предизвик за единството на европскиот правен поредок“, рече фон дер Лајен, и додаде:
„Ова е првпат суд на земја-членка да пресуди дека договорите на ЕУ не се во согласност со уставот на државите“.
Моравјецки ја обвини ЕУ дека се обидува да го промени уставниот баланс на блокот со пресумпција и уцена.
„Неприфатливо е да се зборува за казни. Го отфрлам говорот на закани и уцената не смее да биде метод на постапување“, рече тој.
Одлуката на полскиот суд ги ескалираше несогласувањата на Полска со Брисел, закнувајќи се да прерасне во најлоша криза во Европската Унија откако Британците гласаа за Брегзит во 2016 година.
Овој проблем би можел да ги продлабочи поделбите меѓу државите од Западна и Централна Европа.
Полските лидери ги отфрлија обвинувањата дека сакаат да го следат примерот на Британија.
Во писмо до европските лидери во понеделникот, Моравјецки рече дека Полска останува „лојална членка“ на блокот, но, предупреди дека ЕУ полека преминува во недемократска федерација од држави, која ги гази националните суверени права на земјите-членки.
Јавна анкета неделава во полски весник откри дека 43 отсто од Полјаците веруваат дека треба да има референдум за членството во Унијата за да се реши правниот спор. 63 отсто од испитаниците кажале дека би гласале да се одржи ЕУ членството.
Европските официјални лица велат дека одлуката на Полска е ризик за уништување на правниот поредок на ЕУ.
Facebook Forum