Линкови за пристапност

Пандемијата ќе го забави почетокот на преговорите со ЕУ, но, сега поважно е здравјето на луѓето, вели Османи


Вицепремиерот за евроинтеграции, во интервју за Гласот на Америка, вели дека иако очекувале тоа да се случи во јуни, сега се ќе зависи од актуелната ситуација

Глас на Америка: До каде е изготвувањето на времената рамка за старт на преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ, бидејќи првите информации беа дека треба да биде готова до јуни?

Османи: Најважно е дека после дваесет години добивме одлука. Тоа е тоа што го чекавме и што ни фалеше целиот овој период. Сега другото се технички чекори, кои треба да се спроведат за да почнат преговорите. Прво е преговарачката рамка. Комисијата има добиено мандат да ја подготви. Потоа ја дава на земјите - членки, секоја да ја надополни, по што се усвојува со консензус. Ние немаме директно право да се мешаме во преговарачката рамка, но, можеме преку пријатели да влијаеме како таа ќе изгледа. Меѓутоа ограничено да влијаеме, бидејќи одлуката што ќе стават во таа рамка е на земјите - членки. Рамката е всушност скелето низ кое ќе треба да се качиме за да ги направиме преговорите, односно за да влеземе во ЕУ. Имам свикано координативен состанок, каде го викнав министерот за надворешни работи, главниот технички преговарач и амбасадорката во Брисел, за да ја направиме првата координација за нашите позиции во однос на преговарачката рамка.

Глас на Америка: Кои се нашите позиции?

Османи: Нашите позиции се јасни во тој дел. Имаме нова методологија, нови кластери и што помалку пречки во поглавјата. Се разбира дека различни земји - членки ќе се обидат да имаат различен пристап. Како пример ќе кажам, кога се правеше преговарачката рамка за Србија, имаше земји - членки кои преферираа косовското прашање, да се стави во секое од поглавјата. Имаше земји кои преферираа во последното поглавје, и на крај се одлучи да биде во последното 35 поглавје. Значи ќе има вакви различни обиди Договорот со Бугарија и Договорот со Грција да бидат ставени во различен формат во оваа рамка. Наше е да видиме кој е најдобриот начин, кој нам ни одговара, во смисла и на почитување на Договорите и без создавање на вештачки проблеми на патот.

Глас на Америка: Очекувате ли опструкции, на пример од бугарска страна, со оглед на тоа што Комисијата за историски и културни прашања се` уште ги нема договорено деталите?

Османи: Нема да биде лесно. Но, кога успеавме да го потпишеме Договорот, ќе успееме да решаваме и прашања кои се во Договорот.

Глас на Америка: Очекувате ли дека пандемијата на коронавирус ќе го одложи целиот тој процес на конкретизирање на стартот на целата таа преговарачка рамка?

Османи: Ќе го забави поради технички моменти. Неможност за средби и носење на одлуки. Но, јас мислам дека сега поважно е здравјето и животот на луѓето, отколку кој било друг процес во државата. Ќе се обидеме максимално да не влијае на преговарачкиот процес, но, фокусот ќе ни биде да спасуваме што повеќе животи и да ги чуваме луѓето здрави.

Глас на Америка: Кога очекувате да почнат преговорите?

Османи: Планот за нас беше јуни, но, сега многу ќе зависи од тоа како ќе се развива состојбата со пандемијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG