Линкови за пристапност

Одлагањето на датумот за ЕУ ќе овозможи засилена пропаганда од Русија


Датумот за преговори со ЕУ и руското влијание во Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00

Тоа го велат професори и експерти, кои неодамна на меѓународна конференција во Охрид зборуваа за влијанието на големите сили врз малите држави

Одлагањето на датумот за почеток на преговорите со Европската Унија може да има негативен ефект врз демократските процеси во државата.

Тоа го велат професори и експерти, кои неодамна на меѓународна конференција во Охрид зборуваа за ова, но, и за влијанието на големите сили врз малите држави.

Кај поголемиот дел од нив постои загриженост дека особено Русија може да го искористи вакуум периодот летово за засилена пропагандна активност.

Тоа, пак, и` даде сила на опозицијата, чии лидери велат дека актуелната Влада не е способна да отпочне преговори со ЕУ.

„Со оглед на геополитичките случувања и влијанието на Руската федерација во овој дел од Западен Балкан, не` прави ранливи. Тие ќе се обидат со одредени форми, но, верувам дека ќе бидат безуспешни, имајќи ја предвид јасната политичка волја кај сите релевaнтни политички субјекти да се заокружи процесот на европска интеграција“, изјави универзитетскиот професор Марјан Ѓуроски.

Професорот Жидас Даскаловски вели дека расположението во Европа не е наклонето кон брзо проширување на регионот.

„Тоа е еден простор, еден вакуум простор кој ќе се обидат да го освојат и Русија и другите големи сили, како Кина и Турција. Колку ќе бидеме ние подготвени да продлжиме со нашата eвроатланска патека ќе видиме“, рече Даскаловски.

Сузан Лофту, професорка по национална безбедност на Универзитетот во Гармиш Партен-Кирхен, вели дека Русија сака и понатаму да го задржи нејзиното влијание во регионот.

„Влијанието на Русија ќе продолжи бесконечно и никогаш нема да престане. На некој начин Русија работи според принципот подели па владеј, и сее семе на раздор во регионот. Што се однесува до Северна Македонија, Русија тука веќе потфрли. Државата го реши спорот со Грција и е на пат за влез во НАТО“, смета таа.

Но, други пак сметаат дека земјава не треба да се плаши од надворешни влијанија, бидејќи има јасна европска перспектива.

„Сега после Самитот во Луксембург апсолутно се гледа дека Македонија не треба да биде загрижена за ништо. Ниту има странски сили кои можат да влијаат на тој почеток, ниту да прават било што во таа насока“, вели Никола Дујовски, универзитетски професор.

Тој додава дека до добивањето на датумот за преговори, што најверјатно би се случило на почетокот на октомври, земјава треба да работи на суштински внатрешни реформи и на носење на законот за СЈО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG