Линкови за пристапност

Во Луксембург Македонија надвор од дневниот ред


Во Луксембург Македонија надвор од дневниот ред
Во Луксембург Македонија надвор од дневниот ред

Македонија остана надвор од дневниот ред на Советот на министрите на ЕУ што понеделникот се одржа во Луксембург

Македонија остана надвор од дневниот ред на Советот на министрите на ЕУ што понеделникот се одржа во Луксембург, и покрај препораката на Европскиот совет од декември 2009-тата, на крајот од шпанското преседателство во јуни да се процени напредокот во преговорите за името, за да се одлучи дали на Македонија може да и` се даде датум за преговори за членство во ЕУ.

Дискусија се водела за Македонија, но таа била неформална, јавуваат дописниците на македонските медиуми од Луксембург.

По состанокот на шефовите на дипломатии на земјите-членки на ЕУ, кога Шпанија претседавачкиот мадат и` го предава на Белгија, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Катрин Ештон кусо порача дека е важно што поскоро да се најде решение за името.

„Преговорите што се водат во моментов под покровителство на Обединетите нации за името се многу важни за Македонија“, изјави Ештон, изразувајки надеж дека проблемот ќе се реши, за да може земјата да напредува.

Сега е неизвесно кога и дали Советот на министрите на ЕУ повторно ќе отвори расправа за препораката на ЕК за почеток на преговори.

И додека траеше состанокот во Луксембург, во македонското Собрание се водеше жестока дебата по интерпелацијата за вицепремиерот за европски интеграции Васко Наумовски, покрената од Либерално-демократската партија и Нова демократија.

„Време е вицепремиерот Наумовски да си замине од оваа функција, бидејќи не е способен да го менаџира евроинтеграцискиот процес“, рече Андреј Жерновски од ЛДП, образложувајќи ја интерпелацијата.

Опозиционерите го обвинија Наумовски дека е виновен за застој во реформската агенда која треба да се спроведе за да се постигне напредок во интеграциите. Според нив, тој е директен виновник за предупредувањата од Брисел дека во новиот годишен извештај на ЕК не се исклучува и можноста да биде повлечена препораката за почеток на преговори што Македонија ја доби минатата година.

Наумовски ги отфрли сите обвинувања како нерелевентни. Тој доби поддршка од владеачкото мнозинство, со што се отфрла можноста интерпелацијата да доведе до негова смена.

За Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ, за застојот во евроинтеграциските процеси е виновна блокадата од Грција во Советот на министрите поради нерешениот спор за името.

XS
SM
MD
LG