Имплементирање на реформските мерки, фокус на владеењето на правото и на ситуацијата во судството, како и продолжување на добрососедските мерки – дипломатите ја потсетија Македонија дека ова се клучните точки од кои зависат нејзините НАТО и ЕУ-перспективи. „Поддршката од граѓаните преточете ја во политичка волја“ – изјави американскиот амбасадор во земјава:
„Граѓаните на Македонија својата иднина цврсто ја гледаат во ЕУ и во НАТО – 75 отсто од граѓаните се за членство во овие организации. Сега трикот е таа широка поддршка да се преточи во политичка волја потребна за реформи неопходни за членство. Владеењето на правото е еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјата“.
Иво Вајгл, дел од европратеничката тројка активна во периодот на Пржино-процесот, повика на политичка одговорност од сите актери во овој клучен период за Македонија.
„Порака до владата и до опозицијата – мора заедно да работите. Опозицијата е дел од нормалниот парламентарен систем и толку јака опозиција како ВМРО-ДПМНЕ треба да го преземе својот дел од одговорноста“, истакна Вајгл.
Брисел, преку своите претставници во Скопје, потсети дека нема уште многу време ако Македонија сака да фати приклучок со Србија и Црна Гора.
„Поставени се темелите за развој во наредните 4 месеци под бугарското претседавање – годишните извештаи за напредок ќе се објават во април, потоа во мај ќе селди Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, и во јуни за предлозите ќе расправа врвот на Унијата. Оттука, да ја искористиме оваа единствена и историска шанса – како што вчера рече претседателот Јункер: заедно може да направиме големи нешта“, подвлече амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
На конференцијата на парламентарните комисии на државите од Процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа се начна и прашањето за името.
„Oва е шанса и за Грција бидејќи оваа зрелост на РМ да се замени евтиниот патриотизам со визионерство треба да ја искористи и Грција“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Пораката до регионотод денешниот настан беше дека Унијата нема дилеми дека проширувањето ќе продолжи кон Западниот Балкан, но дека динамиката ќе зависи од самите земји-кандидатки.
Facebook Forum