Линкови за пристапност

ЕУ вети сеопфатен приод кон миграцијата во 2015-та


Најави дека борбата против трговијата со луѓе ќе биде приоритет

Европската комисија денес најави дека годинава борбата против трговијата со луѓе ќе биде приоритет во сеопфатниот приод кон миграцијата.

Комисијата наведе дека шверцерите наоѓаат нови транзитни правци во Европа и применуваат нови методи во експлоатацијата на луѓето коишто се во очајна ситуација и сакаат да избегаат од судирите и војните во нивните држави. „Не смееме да дозволиме на шверцерите да ги доведуваат животите на луѓето во опасност во стари, напуштени бродови во опасни морски води“, стои во соопштението на Комисијата.

По вторпат неделава, италијанските власти презедоа контрола врз товарен брод со стотици имигранти којшто бил напуштен на отворено море од страна на екипажот, во близина на јужна Италија. Припадници на италијанската крајбрежна стража со помош на хеликоптер се спуштиле до бродот Езаден којшто најверојатно отпловил од Турција. Бродот пловел под знамето на Сиера Леоне, бил без екипаж и неговите мотори не работеле додека се наоѓал во немирни води, на оддалеченост од 40-тина километри од италијанскиот брег. Властите велат дека на бродот имало околу 450 лица, вклучувајќи жени и деца. Повеќето од нив биле Сиријци. Претходно, патник преку радио-опрема ги информирал властите дека екипажот го напуштил бродот.

Средата, италијански морнари го пресретнаа бродот Блу скај со преку 700 мигранти којшто пловел под молдавско знаме. Криумчарите го напуштиле и тој со помош на авто-пилот пловел кон југоисточното крајбрежје на Италија. Повеќето лица на него се сириски и курдски бегалци.

XS
SM
MD
LG