Европската унија се соочува со зголемен притисок од некои земји - членки да се почне со воведување рестрикции со цел да се спречи проблематичната миграција.
Минатиот месец поранешниот британски премиер Тони Блер истакна дека слободното движење во ЕУ треба да се размисли одново.
Блер, кој е во кампања Британија да одржи втор референдум дали да остане или да ја напушти Унијата, вели дека ваквиот потег би можел да и` помогне на Британија да остане во Бриселскиот блок под нови улови за членство.
„Прашањата за слободното движење и имиграцијата се дел од глобалната европска политика денес“, изјави тој за Би-Би-Си, нагласувајќи дека многу Британци кои гласале за Брегзит ја истакнале слободата на движење како главна причина да се откажат од Европската унија.
Слободното движење е стожер на пазарот на ЕУ и Брисел на него гледа како клучно за европската интеграција.
Многу млади Европејци на него гледаат како можност за патување, работа и студии во која било членка на ЕУ, иако државите од Централна и Јужна Европа веруваат дека токму емиграцијата на младите е причина за намалување на нивната популација.
Сепак, поддржувачите на слободното движење велат дека стравот од миграцијата е претеран, и оти намалувањето на популацијата е резултат на низок наталитет.
Обидите да се ограничи слободното движење меѓу ЕУ членките се очекува да пропаднат, поради реакциите кај младите луѓе кои веруваат дека треба да постои слободна циркулација на пари, производи и услуги.
Facebook Forum