Линкови за пристапност

Што е можно побрзо да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија, порача Европската комисија


Државата направи се`што беше побарано од неа и заслужува позитивна одлука, изјави за Гласот на Америка портпаролката Ана Писонеро, додавајќи дека сега одлуката е во рацете на земјите-членки

Европската комисија стои цврсто на препораката да се отворат што е можно побрзо пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави за Гласот на Америка Ана Писонеро, портпаролка на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

На прашањето дали ситуацијата со коронавирусот би можела да се одрази врз носењето одлука за пристапни преговори на крајот на месецот, таа рече дека тоа би било одлука на Европскиот совет.

„Двете држави направија се`што беше побарано од нив и тие заслужуваат позитивна одлука“, изјави Писонеро, додавајќи дека сега одлуката е во рацете на земјите-членки.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на денешната прес конференција, рече дека во моментов дебатите за кандидатурата на државата се одвиваат писмено, поради кризните вонредни околности поврзани со КОВИД-19.

„Сега засега се планира да се одржи Советот за општи работи на 24 март, меѓутоа не е исклучено и овој Совет да се одржи со видео конференција. Правниците сега дебатираат дали на ваков начин можат да се носат одлуки или тоа ќе биде повторно со писмени коментари“, рече Димитров, нагласувајќи дека не сака да прогнозира.

„Не гледам суштински пречки, имам задршка околу процесот, како ќе изгледа тој состанок, дали ќе најдат начин да седнат“, додаде тој.

Глас на Америка испрати прашање до Европскиот совет дали би можело да се случи одложување на разговорите за утврдување датум поради кризата со вирусот, и се` уште чека одговор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG