Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји очекува дека до мај, кога во Загреб ќе се одржи Самит меѓу ЕУ и Западен Балкан, земји-членките на ЕУ ќе донесат одлука за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија.
Новиот еврокомесар за проширување, кој денеска за првпат е во Скопје по преземањето на функцијата, уверува дека идното проширување не е табу тема за овој состав на Комисијата, туку е приоритет за кој, како што вели, лично ќе се посвети.
„Мора да работиме со проценката дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори и ние мора да почнеме преговори. Ова значи дека треба да имаме согласност од Советот на ЕУ пред Самитот на ЕУ во Загреб. Тоа значи дека во наредните месеци мора напорно да работиме“, изјави Вархеји.
Вархеји вели дека ќе продолжи интеграцијата на Балканот и дека ќе се внесе дополнителна динамика преку новата методологија за пристапување која, според него, ќе придонесе и за попредвидлив процес кој би функционирал и за земји-кандидатките и за земји-членките.
Го пофали напредокот што го направила земјава, но и побара чекор плус – усвојување на закон за јавно обвинителство пред априлските избори.
Владата се надева дека напролет ќе нема нови разочарувања.
„Иако очекувавме и доживевавме разочарување во октомври, се надеваме на исправање на грешката. Не радуваат изјавите од ЕК дека одлуката за датум за преговори треба да се донесе што е можно побрзо“, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Спасовски информирал и за подготовките за изборите, кои според техничкиот премиер, мора да бидат фер и демократски и затоа повика сите политички сили кои се дел од влада да бидат на ниво на задачата.
Facebook Forum