Линкови за пристапност

Нова гранична служба на ЕУ за справување со бегалската криза


Службата ќе патролира на границите и ќе го контролира приливот на бегалци од Блискиот Исток и Африка

Европската Унија во четвртокот го објави формирањето на нова кооперативна Европска служба за крајбрежна и погранична заштита која ќе патролира на границите и ќе го контролира приливот на бегалци од Блискиот Исток и Африка.

Новата служба ќе биде дополнување на граничната полиција во сите 28 земји кои го сочинуваат блокот и ќе работат на брза идентификација и решавање на потенцијални закани за безбедноста на надворешните граници на ЕУ, стои во соопштението на Европската Комисија.

„Денеска е пресвртница во историјата на управување со европските граници. Отсега, наваму границата на една земја-членка е граница на сите земји-членки – како легално така и оперативно“, изјави еврокомесарот за миграција и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос. „Ова е единствен начин да одговориме на предизвиците поврзани со безбедноста и миграцијата со кои се соочува Европската Унија во 21-виот век“.

Новата служба ќе ја зголеми одговорноста на веќе постоечките сили на Фронтекс да понудат поголема оперативна поддршка на соседните земји кои не се членки на ЕУ кога станува збор за криминалните активности преку границите, рече Фабрис Леџери, извршен директор на новата служба за крајбрежна и погранична заштита.

Службата ќе биде воспоставена во следните шест месеци, а се очекува да биде целосно функционална кон крајот на март 2017-та. Откако ќе се воспостави во целост, ќе го задржи резервениот фонд од 1.500 европски граничари кои можат да се распоредат брзо во случај на вонредна состојба.

Формирањето настана како резултат на најголемата бегалска криза во светот по Втората светска војна. ЕУ прифати околу 1,5 милиони баратели на азил изминатава година.

XS
SM
MD
LG