Линкови за пристапност

ЕУ бара реформи од Западен Балкан, а регионот очекува и Унијата да се покаже на дело


Зајакнување на економските перформанси на земјите од регионот, поттик за продолжување на реформите и јасен повик за надминување на споровите низ дијалог – тоа се пораките од самитот на Берлинскиот процес кој денеска се одржува во Тирана. Состанокот на овој форум, кој за првпат се организира во земја од западнобалканската шесторка, доаѓа во период на безбедносни, политички и хуманитарни кризи – од Косово, преку Украина, до Израел.

Берлински процес во Тирана
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00

„Верувам дека со тоа што Самитот се одржува овде пренесува моќна порака за тоа колку сме посветени на проширувањето. Една од главните теми ќе биде економијата на Западен Балкан, тука можеме да се подобриме. Затоа го воведов планот за раст. Сакаме да им овозможиме пристап до заедничкиот европски пазар. За ова ни требаат реформи во Западен Балкан и оние кои имаат волја за реформи ќе добијат средства од Европската Унија. Тоа е стимул за оние кои навистина сакаат да одат напред, да ја подобрат економијата. Нашите врати се отворени, па ајде да работиме за напредок со овој план за развој“, истакна Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.

Но, домаќинот на Самитот – албанскиот премиер го потсети врвот на Европската Унија дека ЕУ не може само да очекува земјите од Западен Балкан да испорачаат, без таа да врати. Еди Рама тоа сликовито го опиша низ бројки.

„За да ја поткрепам мојата поента за позасилена ЕУ-помош, видете го ова – нашите ЕУ-соседи од Европската Унија добиваат 4 517 евра, пер капита, годишно. А, шесте земји од западен Балкан добиваат само 138 евра, пер капита, годишно, преку европските програми. Зарем овие бројки не се силен показател за затрашувачката, би рекол класна разлика, која прогресивно ја продлабочуваше поделбата меѓу нас во нашиот ист дом – Европа“, рече албанскиот премиер Еди Рама.

И Северна Македонија се надева на засилена економска соработка и поддршка за Балканот во повеќе сектори, пред се во енергетиката.

„Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија, прво во однос на зголемување на регионална соработка, во однос на зголемување на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување на енергетска независност и обезбедување на дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Неизбежно прашање беше и невралгичната точка во овој дел од Европа – односите меѓу Србија и Косово кои наместо деескалација бележат континуирано заострување. Германија, земјата иницијатор на Берлинскиот процес, е јасна – неопходно е смирување на состојбата.

„Време е да се надминат конфликтите кои предолго ги задржуваа и блокираа вашите земји. Неодамнешните ескалации на северот на Косово докажаа колку е тоа важно“, вели германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Очигледно бараме деескалација на ситуацијата. Неодамна зборував со претседателот Вучиќ, денеска ќе разговарам со премиерите на Србија и на Косово и се надеваме дека сите можеме да помогнеме во намалување на тензиите“, рече Марк Руте, премиер на Холандија.

Засега, повиците од Унијата, од земјите-членки, но и од САД не вродуваат со плод за нормализирање на состојбата и враќање на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

XS
SM
MD
LG