Европските и африканските лидери денес се среќаваат на Брегот на Слоновата коска, каде се одржува Самит за прашања кои се важни за двата континента, вклучувајќи економска соработка, отворање работни места, миграција, мир и безбедност.
Дводневниот Самит на Европската и Африканската унија во Абиџан, ги собира на едно место лидерите на 55 држави на Африканската унија, како и на 28 европски земји.
„Се обидуваме да ги зајакнеме општествената и политичка флексибилност на континентот, за доброто на сегашните и идните генерации“, рече заменик-претседателот на Африканската комисија Квеси Карти.
Шефот за надворешна политика на Европската унија Федерика Могерини, изјави дека Самитот не е собир за миграцијата, но, оти тоа прашање треба да се адресира.
„Не можеме да ги затвориме очите пред заедничката одговорност да ги заштитиме нашите животи, да отвориме регуларни канали за миграција и мобилност, нудејќи економски алтернативи за младите луѓе во Африка, но, прво треба да ги прекинеме криминалните мрежи, кои прават пари од робство“, рече таа.
Европската унија нагласи дека Самитот ќе ја истакне заложбата младите луѓе да се подготват за работни можности, преку инвестирање во образование, наука и развој на вештини.
Ќе се стави акцент и на промовирање трговија со Африка, како и изградба на мир и превенција на конфликт.
Facebook Forum