Линкови за пристапност

Орав побара Македонија да се врати на евроатлантскиот пат


Амбасадорот на ЕУ укажа на опасноста да биде одземена препораката за започнување на преговори

ЕУ преку својот амбасадор во Скопје, Аиво Орав, денес упати нова силна порака до Македонија, предупредувајќи на опасноста од губење на европската перспектива.

„Кога пред неколку години говоревме за европските вредности, говоревме за нешто коешто е многу далечно и не можеме да го достигнеме. Сега сме на средината. Ние сме на раскрсница и во следните денови и недели потребно е да видиме дали има или нема почит кон европските вредности. Истовремено, се` уште се надевам дека оваа земја со сигурност ќе се врати на евроатлантскиот пат што побрзо и дека тој пат е поддржан од страна на мнозинството граѓани во земјава“, изјави Орав.

Орав директно коментираше и на актуелните политички случувања поврзани со случајот прислушување.

„Кога минатата недела земјите-членки на Европската унија ги усвоија заклучоците на Европскиот Совет во Брисел, тие го употребија терминот - сериозно загрижени. Дипломатски, нема многу што да додадеме. Сериозно загрижени, иако оваа одлука не го доби потребното внимание во оваа земја, а јазикот е многу јасен. И во моето последно интервју тука, избројав дека сум го употребил овој термин загрижени 10 - 15 пати. А тоа значи дека не сме многу задоволни со тоа што се случува овде“, кажа Орав.

На прашањето - што очекува од разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Брисел, Орав нагласи дека без разлика на тој процес, најважно е самите партии да се ангажираат конструктивно во процесот.

„Не е важно кој е посредникот. Дури и да е генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, не сум сигурен дека ќе има подобри резултати ако партиите не стават сериозни предлози на масата за излез од оваа ситуација. Рамката е се` уште тука, а ние ги нудиме нашите добри услуги“, рече Орав.

На презентацијата на настаните поврзани со Денот на Европа, 9-ти Мај, заедно со Орав беше и вицепремиерот на Република Македонија, Фатмир Бесими. Тој предупреди дека кредибилитетот на државата е нарушен, а опасноста од губење на европската перспектива е сериозна.

„Доколку не се направат поголеми чекори во смисла на надминување на сегашните предизвици што ги има Република Македонија, може да се случи во октомври да не биде во состојба уште еднаш да пишува препорака за започнување на преговорите со Република Македонија“, изјави Бесими.

Орав ја потврди оваа опасност од одземање на препораката. Тој нагласи дека Извештајот за напредокот веќе се пишува и дека нема уште многу време за да се преземат неопходните мерки со коишто би се спречила опасноста од губење на европската перспектива.

XS
SM
MD
LG