Линкови за пристапност

Ердоган се заканува со бојкот на американска електроника


Турскиот претседател вели дека САД започнале економска војна со неговата држава

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска се закани дека ќе ги бојкотира американските електронски стоки, како одговор на она што тој го нарекува економска војна што САД ја повеле против Турција.

Дипломатскиот спор меѓу двете земји придонесе за економската криза во Турција и ја турна вредноста на турската лира на најниско ниво досега.

„Ако тие имаат Ајфон, насекаде има и Самсунг телефони. Во нашата земја имаме и Вестел“, рече Ердоган.

Тој ја повика нацијата да ги размени своите американски долари за лири за да се поддржи турската валута.

Лирата оваа година падна 40 отсто, а само во петокот падна 16 отсто и дополнителни седум отсто во понеделникот. Во вторник се стабилизира со пораст од околу пет отсто.

Во денешното заедничко соопштение, турските бизнис-групи ја повикаа владата да поведе построга монетарна политика со цел да се бори против валутната криза. Тие, исто така рекоа дека Турција треба да работи на решавање на отворените прашања со САД по дипломатски пат, но истовремено да работи и на подобрување на односите со уште еден голем трговски партнер, а тоа е Европската унија.

Турската централна банка вети дека ќе ги преземе „сите неопходни мерки“ за стабилизирање на економијата на земјата за да осигури дека банките и институциите можат да ги платат сметките. Но, светските трговци на акции беа разочарани што банката не ги зголеми каматните стапки, кои се неопходни за да се намали кризата, сметаат економистите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, двојно ги зголеми тарифите за турскиот извоз на челик и алуминиум минатиот петок, делумно како одговор на потегот на Турција која одби да го ослободи американскиот свештеник Ендрју Брансон, кого Турција го обвини за шпионажа и го притвори во домашен притвор до неговото судење. Трамп го нарече притворот на проповедникот „целосен срам“.

Адвокатот на Брансон во вторникот поднесе ново барање до судот да го ослободи свештеникот од домашен притвор и да ја укине забраната за патување.

Ако биде осуден, Брансон се соочува со затворска казна од 35 години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG