Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот неочекувано изјави дека Европската унија треба да го отвори патот за влез на Анкара во ЕУ пред турскиот парламент да го одобри членството на Шведска во НАТО.
Процесот на пристапување на Турција во ЕУ е замрзнат со години откако започнаа преговорите за членство во 2005 година, за време на првиот премиерски мандат на Ердоган.
Односите меѓу Анкара и земјите-членки се влошија пред неколку години, особено по неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година, но оттогаш се подобрија. ЕУ зависи од помошта на Турција, која е членка на НАТО, особено кога станува збор за миграцијата.
Во ненадејна промена во стратегијата, Ердоган во понеделникот го поврза одобрувањето на Турција за членството на Шведска во НАТО со евентуалниот пристап на Турција во Европската унија.
„Од тука им се обраќам на оние земји поради кои Турција повеќе од 50 години чека на вратата на Европската Унија. Прво, дојдете и отворете го патот за Турција во Европската унија, а потоа ќе го отвориме патот за Шведска, како што направивме за Финска“, рече Ердоган пред заминувањето за Вилнус и додаде дека ќе го повтори својот повик на самитот на НАТО.
Портпаролот на Европската комисија рече дека проширувањето на НАТО и ЕУ се „одвоени процеси“.
„Процесот на пристапување на секој кандидат се заснова на заслугите на секоја земја поединечно“, рече портпаролот, додавајќи дека двата процеса не можат да се поврзат.
Стејт департментот во понеделникот рече дека аспирациите на Турција за влез во ЕУ не треба да бидат пречка за членството на Шведска во НАТО.
„Тоа се две посебни прашања“, изјави портпаролот Метју Милер за новинарите.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прашањето да ја коментира изјавата на Ердоган рече дека тој го поддржува членството на Турција во ЕУ, но дека Шведска веќе ги исполнила условите за членство во НАТО.
„Се уште е можно да се има позитивна одлука за Шведска во Вилнус“, рече Столтенберг на прес-конференција.
Шведска и Финска поднесоа барање за членство во Организацијата на Северноатлантскиот договор минатата година, откако се откажаа од својата децениска политика на воена неутралност поради руската инвазија на Украина.
Финска стана членка во април, додека Турција и Унгарија го блокираат членството на Шведска. Стокхолм работи на приклучување кон западната воена алијанса на самитот во Вилнус.
Ердоган рече дека приемот на Шведска зависи од спроведувањето на договорот постигнат минатото лето, за време на самитот во Мадрид и рече дека никој не треба да очекува никакви компромиси од Анкара.
Турција смета дека Шведска не направила доволно против она што Турција го смета за терористи, главно членови на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), која Анкара, Брисел и Вашингтон ја сметаат за терористичка организација.
Турскиот лидер, исто така, истакна дека крајот на војната меѓу Украина и Русија ќе го олесни процесот на приклучување на Киев во НАТО.
Извор: Ројтерс