Линкови за пристапност

Енергетска транзиција преку обновливи извори


На меѓународниот енергетски форум што се одржува во Струга се издиференцира заложбата Северна Македонија да се пренасочи од јагленот како извор на енергија

Во Северна Македонија 70 отсто од производството на енергија е од јаглен. Државата треба да се насочи многу повеќе кон обновливите извори на енергија, беше речено на вториот Македонски енергетски форум во организација на ЕЛЕМ, Владата на Северна Македонија и подржан од Амбасадата на САД во Скопје, што се одржува во Струга.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев се заложи за обновливи и еколошки извори на енергија.

„Ние како држава немаме неограничени природни резерви на јаглен. Немаме сопствен гас и нафта. Тоа значи дека она што го имаме како потенцијал во државата е изворот на обновлива енергија“.

И од Европската енергетска заедница сметаат дека треба да се напушти јагленот и да се пристапи кон изнаоѓање на обновливи извори.

„Европската унија има големи средства за поддршка на земјите кои се приклучуваат на блокот. Новата финансиска перспектива од 2020 до 2027 година ќе биде различна од сегашната. Половина од буџетот ќе биде насочен кон развојни проекти и ќе биде забрането средствата да бидат користени за се` што е поврзано на фосилните горива, нафтата и гасот“, рече Јанез Копач директор на организацијата.

Премиерот Зоран Заев рече дека главна цел е да ги стават во функција сите расположливи капацитети. Да биде употребен целиот неискористен природен енергетски потенцијал, а со тоа сериозно да биде зголемено домашното производство на електрична енергија.

„Промовирањето на инвестиции од обновливи извори на енергија не е само законска обврска за Република Северна Македонија. Со тоа се поттикнува и развојот на капацитетите во енергетскиот сектор, а се исполнуваат и барањата за заштита на животната средина. Во исто време се намалува зависноста од увезената енергија “, рече тој.

Тој ги нагласи и позитивните моменти по потпишувањето и имплементацијата на Преспанскиот договор, и рече дека веќе има зголемен интерес за инвестирање од компании од Грција во енергетскиот сектор на Северна Македонија.

„Во финална фаза влегува и процесот на изградба на интерконективното поврзување со гасоводниот систем на Грција со што се добива можност за снабдување со природен гас од Азербејџан“, рече премиерот Заев.

Микаела Швајцер-Блум, вршител на должност амбасадор во Амбасада на САД во Република Северна Македонија рече дека енергетската безбедност и стабилноста во снабдувањето со елетрична енергија е глобален проблем и затоа мора сите заедно да работат на иновации.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG