Линкови за пристапност

Натпревар на згради за штедење енергија


Натпревар на згради за штедење енергија
Натпревар на згради за штедење енергија

Во прв натпревар од ваков вид Американската агенција за заштита на животната средина предизвика екипи од цела држава да го намалат непотребното трошење на енергија во зградите во кои живеат и работат. Резиденцијалните и комерцијалните згради заедно трошат околу 40 проценти од вкупната енергијата на државата, а администрацијата на Обама сака да види дека тој товар може да биде намален.

Зградите се ламји за енергија. Затоа претседателот Барак Обама отиде на Универзитетот во Пенсилванија минатата недела да промовира план што може да помогне на комерцијалните згради да постигнат поголема ефикасност во трошењето енергија.

„Правењето на нашите згради поефикасни во користењето на енергијата е еден од најбрзите, најлесни и најевтини начини да се заштедат пари, да се избориме со загадувањето и да креираме работни места овде во САД, и токму тоа ќе го сториме“, рече Обама.

Обама ги посети истражувачките лаборатории на универзитетот каде научниците работат на нови технологии дизајнирани за намалување на губењето енергија во комерцијалните згради – како што е големата стоковна куќа „Sears“ во Глен Бурни во Мериленд, каде менаџер е Ед Мунц.

Оваа стоковна куќа продава се`, од апарати за домаќинството и делови за автомобили до облека и потрошувачка електроника. Мунц шета низ продавницата не само да ги провери вработените туку и да види дали системите на зградата работат како што треба.

„Зградата е во употреба 24 часа. Ние не сме внатре 24 часа, но се` останува вклучено. Се разбира зграда од тој размер троши многу енергија ако не се внимава на тоа“.

Мунц пресметал дека 80 американски домови комотно можат да се сместат во продавницата. И како во секој приватен дом, осветлувањето, топлењето и разладувањето се најголемите потрошувачи на енергија. Тој вели дека клима уредите се посебно големи потрошувачи особено за време на летните месеци кога е жешко и влажно.

„Зградата има 24 покривни единици. Може да има време кога тие претерано работат, и време кога работат помалку одошто е потребно, а тоа влече многу енергија ако не работи како што треба“, вели Мунц.

Како дел од напорите за штедење на енергија во зградата, сите клима уреди се проверени и расипаните поправени. Секоја светилка, од вкупно 15 илјади, е заменета со економична. Поставени се сензори за движење што ги гасат сијалиците ако нема активност. Дури и ескалаторите се ставени на распоред за штедење енергија. Вклучени се кога има купувачи, исклучени по последниот купувач.

Се` заедно помогнало „Sears“ да заштеди во оваа зграда околу третина од енергијата што до тогаш била трошена, што, пак, изнесува околу 46,000 заштедени долари.

Но самите вработени придонесуваат во голема мерка за заштедата. Тие ги исклучуваат телевизорите во одредено време, исто како и системите за видео игри.

Тоа што „Sears“ го прави може да се реплицира секаде, според Џенифер Аман, директор на Програмата за згради за Американскиот совет за економија на штедење енергија.

„Гледаме дека секоја од овие работи може да се исплати со време. Сегашната економска клима е таква што компаниите не се многу расположени за големи инвестиции. Затоа, ревидирањето на тоа како системите оперираат и нивното одржување е голема можност за штедење“, вели Аман.

Но и зградите со канцеларии можат многу да заштедат. Дванаесет-катен комплекс во Арлингтон, Вирџинија успеа да ја намали потрошувачката на енергија за 28 проценти како дел од натпреварот. Тие тоа го сториле со поефикасно осветлување, подобрување на греењето и ладењето и целокупното компјутеризирано мониторење што овозможува точно да се знае колку енергија се троши.

„Можете да ја следите температурата на просторот, како и сите механички системи што го поддржуваат тој простор. Ако некој се јави и каже дека е студено или дека е многу топло треба да се види за што се работи и да се направи соодветно подесување“, вели инженерот на зградата, Стан Хант .

Тие мерки помогнал е да се заштедат 250 илјади долари од сметката за струја. Мајк Вилијамс е регионален потпретседател за Гленборо, компанија што се занимава со недвижнини. Тој вели дека успехот зависи од учеството на тие што работат или живеат во тие згради.

„Технологијата што се имплементира е една работа, но менувањето на навиките на луѓето е тоа што навистина прави разлика“, вели тој.

Сеедно дали се работи за канцелариска зграда и стоковна куќа, училиште или црква, Агенцијата за заштита на животната средина и нејзиниот проект покажуваат дека секогаш има простор да се подобрат работите, што е од корист за планетата и за џебот.

XS
SM
MD
LG