Во извештајот на Светската метеоролошка организација (СМО) објавен денес се вели дека напорите за запирање на климатските промени се изложени на ризик да излезат од контрола, бидејќи емисиите на стакленички гасови достигнуваат рекордно ниво.
Извештајот на СМО за стакленички гасови вели дека глобалните концентрации на јаглерод диоксид, најважниот стакленички гас, „во 2022 година за првпат беа цели 50% над прединдустриската ера“.
Емисиите на два други стакленички гасови, метан и азотен оксид, исто така, забележале „највисок пораст од година в година забележан од 2021 до 2022 година“.
Во извештајот, кој е објавен пред КОП28, преговорите на ОН за климатските промени, закажани за крајот на ноември во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, се вели дека овие нови емисии пораснале во 2023 година поради континуираниот пораст на индустриските активности.
„Од тие најважни гасови, јаглерод диоксидот придонесе околу две третини од потенцијалот за затоплување“, рече Петери Талас, генерален секретар на СМО.
„Метанот е малку помалку од 20% во неговиот потенцијал за затоплување, а азотниот оксид, кој е третиот гас, е одговорен за 6% “.
Талас, исто така, рече дека важноста на јаглерод диоксидот не може да се потцени бидејќи „неговиот животен век е до илјадници години“.
„Потребни се илјадници години за да се отстрани јаглеродот од системот откако ќе се испушти во атмосферата“, рече тој, додавајќи дека светот оди во погрешна насока и покрај децениските предупредувања од научната заедница.
„Сегашното ниво на концентрации на стакленички гасови не става на патот на зголемување на температурите далеку над целите од Парискиот договор до крајот на овој век“.
„Ова ќе биде придружено со поекстремни временски услови, вклучувајќи интензивна топлина и врнежи од дожд, топење на мразот, пораст на нивото на морето и топлина и закиселување на океаните“, рече тој.
Талас рече дека е тешко да се предвиди што ќе се случи на КOP28, но дека се чувствува малку пооптимист за исходот по средбата денес меѓу претседателот Џо Бајден и неговиот кинески колега Шји Џјинпинг.
„Фактот дека тие се согласија да соработуваат на полето на климата е добра вест. Да се надеваме дека овој зајакнат потенцијал за соработка меѓу САД и Кина ќе доведе до конкретни резултати“, рече тој.
„Фактот што САД и Кина почнаа да комуницираат е позитивен знак бидејќи тие големи играчи можат да ја променат големата сцена“.