Линкови за пристапност

Реакции по преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим


Израелските лидери велат дека ова ќе помогне во мировниот процес; Според арапските претставници, потегот е провокативен

САД и официјално ја префрлија својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, предизвикувајќи протести на палестинска страна на Појасот Газа, при што загинаа најмалку 52 лица, а илјадници други се повредени.

На околу 100 километри од насилните демонстрации, амбасадата беше и официјално префрлена, а на настанот присуствуваа американски и израелските претставници. Претседателот на САД Доналд Трамп, наспроти мислењата на други влади од светот го најави овој потег минатиот декември.

Неговиот советник и зет, Џаред Кушнер, кој е дел од делегацијата на САД на церемонијата, рече: „Додека останатите претседатели се повлекоа од ветувањето дека ќе ја преместат американската амбасада, овој претседател го направи тоа. Кога претседателот Трамп ќе даде ветување, тој го исполнува“.

Кушнер протестите на Палестинците ги нарече „дел од проблемот, а не дел од решението“.

На видео снимка Трамп истакна дека за ова „беше потребно време, но тој момент конечно дојде... Ерусалим е главен град на Израел“.

Но, лидерот на САД изјави дека САД „остануваат посветени на постигнување траен мировен договор“ помеѓу Израел и Палестинците.

Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху рече дека ова е „величествен ден“, додавајќи - „Ние сме во Ерусалим и тука ќе останеме“, заблагодарувајќи му се на Трамп за „храброста да го исполни ветувањето“.

Арапските лидери пак, го осудија потегот на САД, а либанскиот премиер Саад Харири рече дека потегот е „провокативен“. Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, го опиша како „ден на голем срам“.

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија Федерика Могерини, го повика Израел да го почитува „принципот на пропорционалност при употребата на сила“ и да дејствува „со најголема воздржаност за да се избегне понатамошно губење на животи“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG