Линкови за пристапност

ФБИ: Нема докази за криминал во електронските пораки на Клинтон


По евалуацијата, не ги променивме заклучоците од јули годинава што се однесува до секретарката Клинтон, се вели во писмото на директорот Џејмс Коми

Директорот на Федералното истражно биро Џејмс Коми, во писмо до Конгресот, наведе дека по најновата истрага на дополнителните електронски пораки поврзани со Хилари Клинтон додека била државна секретарка, немало докази за криминални активности.

„По евалуацијата, не ги променивме заклучоците од јули годинава што се однесува до секретарката Клинтон“, се вели во писмото испратено до членовите на Конгресот во неделата.

Коми во јули истакна дека додека користењето на приватниот сервер за службена коресподенција од страна на Клинтон, било немарно, но ниту еден „пристоен обвинител“, не би покренал кривична постапка против неа. Минатата недела прашањето се актуелизираше кога ФБИ кажа дека повторно ќе разгледува, сега новооткриени пораки во неповрзан случај во кој бил вклучен поранешниот конгресмен Ентони Винер.

Кампањата на Клинтон ја поздрави најновата одлука на Бирото. Директорката за комуникации Џенифер Палмиери, кажа дека тимот бил сигурен дека Коми ќе го донесе тоа решение.

Републиканецот Доналд Трамп пред симпатизерите во Пенсилванија кажа дека Клинтон е “најкорумпираната личност“ која некогаш се кандидирала за претседател во САД.

„Истрагите за нејзините дела ќе се одвиваат уште долго време“, кажа тој, додавајќи дека гласачите со нивниот глас, „ќе донесат правда“.

Клинтон во обраќање во Њу Хемпшир кажа дека е важно да се верува во надежна, обединета и инклузивна држава и го обвини нејзиниот ривал за, како што рече, ставот за поделеност.

По говорите во Мичиган, Северна Каролина и Пенсилванија, кампањата на Клинтон ќе кулминира во Филаделфија.

Трамп има обраќања во Флорида, Северна Каролина, Пенсилванија и во Њу Хемпшир.

XS
SM
MD
LG