Дали грижата за растечките цени на бензинот и загадувањето конечно ќе доведе до револуција на возила на алтернативни видови на енергија?
Во годишното обраќање пред Конгресот и нацијата во јануари, претседателот Барак Обама ја повика автомобилската индустрија да се префрли на возила кои ќе возат на електрична енергија.
„Со поголеми истражувања и поттици, можеме да ја прекинеме зависноста од нафта и ќе станеме прва земја со еден милион возила на електрирчна енергија на патиштата до 2015-та“, рече Обама.
Пораката како да одекнува низ халите на Саемот за автомобили, одржан неодамна во Вашингтон. На изложбата се наоѓа лепеза на домашни и странски возила, меѓу кои и нови, таканаречени „зелени“ автомобили кои не ја загадуваат околината.
Хит на саемот беше Шеви волт. Џенерал моторс се надева да има преку 10.000 вакви автомобили на патиштата во САД и 45.000 нови во 2012-та.
„Технологијата е прва лига. Се полни за три до четири часа, што е многу покусо време од конкуренцијата, коментира главниот уредник на Журналот Зелен автомобил, Рон Коган.
Џеф Пармет во својата гаража веќе има паркирано Волт. Вели дека е презадоволен од перформансите на автомобилот
„Цврсто верувам дека треба да направиме чекор напред во правец на намалување на зависноста од странска нафта во превозот. Ова е мојот придонес“, наведува овој купувач.
Пармет верува дека Американците се подготвени да прифатат автомобили кои ќе трошат помалку бензин и ќе бидат во хармонија со животната средина. Како што ќе се појавуваат повеќе пумпи за полнење со електрична енергија, ќе се намалува цената за таквите возила.