Линкови за пристапност

Во САД избори на гувернери и градоначалници


Аналитичарите во овие избори гледаат знаци за конгресните избори следната година и претседателските избори во 2016-та.

Гласачите во вторник го даваат гласот во неколку клучни избори во САД вклучувајќи го бирањето градоначалник на Њујорк и гувернер на соседната држава Њу Џерси.

Во годината по претседателските избори во САД, нема многу избори во државата. Но државите Њу Џерси и Вирџинија, двете во источниот дел на земјата, избираат гувернери, додека големите и влијателни градови вклучувајќи ги Њујорк, Атланта, Бостон, Хјустон и Мајами, избираат градоначалници.

Во Њу Џерси, држава која се граничи со градот Њујорк, актуелниот гувернер Крис Кристи, републиканец, се очекува лесно да победи. Тој има поддршка и кај независните и кај демократите, и можно е да се кандидира и на претседателските избори во 2016-та.

Во државата на средниот Атлантик, Вирџинија, истражувањата покажуваат дека републиканскиот конзервативец, генералниот правобранител Кен Кучинели, е во тешка битка против бизнисменот Тери МекОлиф, кој е поранешен лидер на националната Демократска партија и близок пријател на поранешниот претседател Бил Клинтон и неговата сопруга, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

Политичките аналитичари во САД гледаат на овие избори како на знаци за конгресните избори во целата земја една година од сега, кога сите 435 членови на Претставничкиот дом ќе се соочат со гласачите и третина од стоте членови на Сенатот исто така.
XS
SM
MD
LG