Линкови за пристапност

Светските лидери му честитаат на Обама


Светските лидери испраќаат честитки до американскиот претседател Барак Обама, кој доби втор мандат во вторникот, во тесна трка со републиканскиот предизвикувач Мит Ромни.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кажа дека „топло му честита“ на Обама и однапред се радува на натамошната заедничка соработка „во духот на цврсто партнерство меѓу САД и ОН“. Тој набележа некои предизвици што претстојат, вклучувајќи го завршувањето на крвопролевањето во Сирија.

Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху кажа дека стратешката алијанса меѓу Израел и САД е посилна од секогаш и дека ќе продолжи така со претседателот Обама. Нетанјаху е долготраен пријател на Ромни, предизвикувачот на претседателот.

Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма до Обама со честитки, додека портпаролот на Путин кажа дека Путин веста ја примил „многу позитивно“.

Британскиот премиер Дејвид Камерон испрати јавна порака на твитер со „топли честитки“ и кажа дека однапред се радува на натамошната заедничка работа. Но, при посета на Јордан во среда, Камерон на новинарите им кажа дека Обама треба повеќе да стори да помогне во завршување на сириската граѓанска војна.

Лидерите на Кенија, дом на татко му на Обама, го поздравија реизборот на Обама. Претседателот Мваи Кибаки кажа дека тоа е потврда на вербата на американскиот народ во нивниот лидер. Премиерот Раила Одинга кажа дека изборниот резултат повторно ќе ја иницира вербата во демократијата во цел свет, но посебно во Африка.
Бабата на Обама од страна на татко му живее во кениското село Когело, каде заедно со други селани го прославила реизбирањето на нејзиниот внук.
XS
SM
MD
LG