Претседателот Доналд Трамп го стави Балканот на прав пат, рече за Гласот на Америка Христос Марафатсос, копретседавач со Коалицијата за национална разновидност за поддршка на Трамп, укажувајќи на неодамнешниот договор меѓу Србија и Косово.
„Погледнете што направивме во регионот последните четири години, во однос на мир, стабилност, безбедност иновација и трговија. Наредните четири години претседателот Трамп се заложи дека ќе биде лидер на Америка и американските политики, кои знаме дека ќе се одразат на позитивен начин врз нашите сојузници. Претседателот е фокусиран на Балканот и на Источниот Медитеран. Ако го стабилизраме Балканот, и ако го стабилизраме Источниот Медитеран, тоа е добро за сите“, рече тој, зборувајќи за целите на кампањата на Трамп и неговата надворешна политика кон балканските држави.
Марафатсос вели дека актуелната администрација направила многу и за напредокот на Северна Македонија.
„Има голем прогрес околу прашањето за Северна Македонија изминативе четири години. Ќе продолжиме да правиме напредок во целиот регион“, нагласи тој.
Според него, Трамп е лидер кој ги средувал работите на Балканот, додека неговиот противкандидат Џо Бајден бил слаб политичар, кој не успеал да направи ништо за регионот преку четири децении на власт.
„Џо Бајден имаше 47 години да ни покаже што може да направи и што има направено. И потфрли. Потфрли многу пати служејќи на највисоко ниво во Владата на САД. Служеше како сенатор во Комисијата за надворешни работи и беше потпретседател на Обама. Што направија за Балканот? Ништо. Не можеме да наброиме неколку работи кои ги направиле. Претседателот Трамп има докажано дека е прагматичен бизнисмен и преговарач. Тоа ни треба. Некој да ги разбере нашите прашања“, вели Марафатсос.
А првпат во американската историја, додаде тој, Балканот добил репрезентација во Америка.
„Заедниците на Албанците и Србите сега се претставувани од претседателот. Ако ја погледнете неговата кампања, ќе видите дека првпат има коалиции Албанци за Трамп и Срби за Трамп. Тоа е репрезентација за цел регион, не само за две балкански држави“, вели Марафатсос.
Доколку Трамп бил реизбран за претседател, Марафатсос рече дека тој уште повеќе ќе се ангажирал во регионот за справување со дезинформациите, особено со лажните вести од Русија и од Кина, кои се зголемиле за време на пандемијата.
Според него, Трамп тоа веќе успешно го правел преку честите твитови, обраќајќи им се директно на граѓаните, кои можеле во секое време да видат каде е нивниот претседател и што точно мисли.
На дијаспората од Балканот во САД ѝ порача да го погледнат договорот меѓу Косово и Србија, но, и историските договори со Израел, Обединетите Арапски Емирати, Азербејџан и други, за да знаат што може да очекуваат од Трамп во наредните четири години.
Ако Бајден бил избран за претседател, Марафатсос вели дека овој напредок ќе застане.
„Има невидена можност на Балканот што треба да се искористи. Не треба да се изненадите ако во наредните четири години имаме многу повеќе договори, независно дали за трговија или мир. Ќе има можности за граѓаните на Балканот“, рече тој.
Убеден е дека Трамп има предност на овие избори оти не бил класичен политичар, како неговиот противкандидат, туку лидер кој ги исполнувал ветувањата.
Facebook Forum