Имаше општо задоволство меѓу левичарското и центристичкото движење во Европа, откако американските медиуми излегоа со прогноза дека Џо Бајден е победник на изборите во САД.
Но, за популистичките националисти, вклучувајќи група од национални лидери во Централна Европа, изборниот резултат поттикна разочарување и лош знак.
Белата куќа, без претседателот Доналд Трамп, за нив значи губење на моќен сојузник во Вашингтон, а некои центристи предвидуваат дека неговото заминување ќе има негативен ефект врз лидерите во Европа кои водат популистичка политика.
„Поразот на Трамп може да биде почеток на крајот на триумфот на крајно десничарските популисти и во Европа“, напиша на Твитер поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск, кој сега е на чело на Европската народна партија, најголема европска транснационална партија, сочинета од христијанско-демократски партии и умерени конзервативци.
Додека повеќето европски лидери му честитаа на Џо Бајден во саботата, централноевропските популисти се повлекоа од комплименти, или забавија со честитките, во споредба со лидерите од Западна Европа.
Меѓу нив беше и премеирот на Словенија Јанез Јанша, каде е родена првата дама Меланија Трамп. Поддржувајќи го претседателот Доналд Трамп во оспорување на предвидената победа на Бајден, Јанша реагираше дека медиумите прерано го најавиле изборниот исход.
„Поднесени се жалби, судовите се` уште не почнале да одлучуваат“, напиша тој на Твитер.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој, како и Јанша, го поддржа Трамп, се повлече од честитки во саботата.
Провладина веб-страница, во сопственост на политички сојузници на Орбан, објави дека Америка се наоѓа во хаос, критикувајќи ги медиумите оти објавиле дека Бајден е победник.
Но, Орбан го промени ставот вчера, кога му честиташе на Бајден преку писмо.
„Дозволете ми да ви честитам за успешната претседателска кампања. Ви посакувам добро здравје и натамошен успех во извршување на огромните обврски“, напиша Орбан во писмото, кое беше обајвено од државната информативна агенција.
Орбан, кој се соочува со избори во 2022 година, во голема мера беше критикуван од администрацијата на Обама, чиј потпретседател беше Џо Бајден, за ерозија на демократските вредности на контрола и баланс во државата
Во 2018 година, Орбан беше навреден кога Стејт департментот понуди грант од 700.000 долари за помош на независните медиуми во Унгарија.
Притисок од Европската Унија
За популистичките влади во Централна Европа, поразот на Трамп се совпаѓа со одлуката на Европскиот парламент и Советот на Европа да воведат механизам за блокирање средства, согласно кој, државите како Унгарија и Полска, ќе мора да почитуваат владеење на право или во спротивно ќе ги изгубат парите.
Практично, заминувањето на Трамп ги остава популистичките лидери без заштита во нивните несогласувања со Брисел, како и со полибералните западноевропски држави, велат аналитичарите.
Бајден се очекува да биде многу поцврст во однос на прашањата, како владеење на право, иако дипломатите велат дека би биле изненадени ако тој ги укине воените и бизнис договори со популистичките влади во Централна Европа, кои веќе се направени.
Крај на популизмот, поддршка на либерализмот?
За популистите кои не се на власт, а кои се надеваат на победа на претстојните избори, како Матео Салвини во Италија и Марин Ле Пен во Франција, победата на Бајден значи дека тие можеби ќе треба да се свртат кон либералниот бран.
Според некои прогнози, либерализмот ќе се врати, и ќе се стави крај на популизмот. Поранешниот британски законодавец Денис Мекшејн нагласува дека „Шпанија, Португалија, Шведска, Данска и Финска, веќе имаат социјалдемократски премиери. Зелените се нова сила во европската политика. Џасинда Ардерн во Нов Зеланд осови нов мандат, оставајќи ја зад неа десничарската популистичка опозиција“.
Тој додава дека „политиколозите, интелектуалците и критичарите сега треба да почнат да работат и да престанат да се ослонуваат на популизмот, како објаснување за политиката која влегува во следната декада“.
Но, тесната изборна трка во САД, освоените републикански места во Претставничкиот дом, како и можноста за задржување на републиканското мнозинство во Сенатот, им дава утеха на некои европски популисти, кои велат дека изборите не покажуваат негирање на популизмот, бидејќи Трамп успеал да го зголеми неговото мнозинство гласови.
Тие велат дека и во пораз, Трамп ја зголемил неговата изборна коалиција, правејќи ја помултиетничка.
Facebook Forum