Претседателот на САД Доналд Трамп се обрати пред илјадници поддржувачи во Вашингтон, велејќи дека никогаш нема да признае изборен пораз, додека законодавците во Конгресот имаат заедничка седница за потврда на Џо Бајден за иден претседател на САД.
Зборувајќи на собирот, Трамп повтори дека изборите се украдени, и оти тој победил. Тој, исто така, рече дека радикалната демократска левица и медиумите кои промовирале лажни вести, го искористиле „кинескиот вирус“ како начин да ги украдат изборите.
Трамп го повика потпретседателот Мајк Пенс да го направи вистинскиот чекор, надгледувајќи ја потврдата на електорските гласови во Конгресот, две недели пред инаугурацијата на Бајден.
Трамп рече дека „се` што потпретседателот Пенс треба да направи е да ги врати гласовите назад во сојузните држави за повторна потврда, и јас ќе станам претседател, а вие најсреќните луѓе“.
Поддржувачите на Трамп, заедно со одредени групи кои се судрија со полицијата, почнаа да се собираат вчеравечер во Вашингтон, а надлежните изјавија дека биле уапсени најмалку шест лица за поседување оружје и муниција.
Градоначалничката на Вашингтон Мјуриел Баусер ја повика Националната гарда поради страв од повторување на насилните протести минатата година.
Facebook Forum