Лидерите на клучните азиски држави зборуваа со избраниот претседател Џо Бајден за глобалните прашања, иако претседателот Доналд Трамп продолжува со правната битка против изборниот резултат.
Лидерите изјавија дека зборувале за пандемијата на коронавирус, климатските промени и други прашања, сугерирајќи дека Бајден изгледал посветен на олеснување на нивните грижи околу пристапот на претседателот Доналд Трамп „Америка прва“.
Јапонскиот премиер Јошихиде Суга изјави дека по 15 минути телефонски разговор, се согласиле со Бајден да ја зацврстат нивната алијанса, во време кога се зголемува кинеското глобално влијание, и ескалира нуклеарната закана од Северна Кореја.
„Ќе работам со избраниот претседател Бајден да ги придвижиме напред мерките за зацврстување на алијансата меѓу Јапонија и САД“, изјавил Суга за новинарите по разговорот со Бајден.
Канцеларијата на Бајден рече дека тој и Суга разговарале за „нивната заедничка заложба да се спротивстават на климатските промени, да ги зацврстат демократијата во светот и сојузништвото меѓу САД и Јапонија“.
Портпаролот на јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин, рече дека Бајден ја потврдил заложбата на САД да ја бранат Јужна Кореја, и дека би ѝ помогнале на државата во нуклеарниот ќор-сокак со Северна Кореја, нагласувајќи дека двајцата лидери се договориле да се сретнат потенцијало брзо, веднаш по инаугурацијата на 20. јануари.
Австралискиот премиер Скот Морисон, пак, рече дека разговарале со Бајден за нивната заложба за зацврстување на односите.
„Се согласивме дека нема повеќе критично време за меѓусебната алијанса, но, и пошироко, да работиме заедно да промовираме мир и стабилност во Индопацифичкиот регион“, рече тој.
Бајден изјави дека ја поздравува можноста да соработува одблизу со Морисон на многу предизвици, вклучувајќи ја пандемијата на ковид-19 и климатските промени.
Речиси сите лидери на најголемите држави во светот му честитаа на Бајден, иако претседателот Трамп продолжува со обвинувањата за изборни злоупотреби, велејќи дека тој победил на изборите на трети ноември.
Досега, Бајден не добил честитки од рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот претседател Шји Џјинпинг и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.
Facebook Forum