Победникот на вчерашните претседателски избори во САД сe` уште е неизвесен, бидејќи се чекаат резултатите во неколку сојузни држави каде имаше зголемено рано гласање по пошта.
И претседателот Доналд Трамп, и демократскиот противник Џо Бајден, освоија сојузни држави кои ги очекуваа со цел да обезбедат мнозинство гласови во Изборниот колеџ кој, пак, е одлучувачки за тоа кој ќе биде претседател на државата.
Но, и натаму не е познат резулатот во Северна Каролина, Џорџија и Пенсилванија, како и во Мичиген, Висконсин и Аризона, додека официјалните лица ги пребројуваат милионите гласови кои стигнале на денот на изборите и недели претходно.
Сепак, Трамп, раноутрово, се обрати од Белата куќа да прогласи победа, која тој верува дека ја освоил, и најави дека ќе бара од Врховниот суд да го спречи пребројувањето.
„Ова е голема злоупотреба.Што се однесува до мене, јас веќе победив“, рече Трамп.
Кампањата на Бајден рече дека неговото барање да се спречи пребројувањето на гласовите е срамен обид да се одземат демократските права на американските граѓани кои гласале пред изборниот ден.
Претходно, пак, Бајден се обрати до неговите поддржувачи, за да им се заблагодари и да изрази доверба во евентуална победа.
„Одржете ја вербата, ќе победиме“, рече тој, нагласувајќи дека треба да бидат трпеливи.
Facebook Forum