Линкови за пристапност

Трамп рече дека ќе го сочува американскиот сон, Бајден вети крај на хаосот и твитовите


Денес е последен ден од кампањата на двајцата претседателски кандидати пред утрешните избори

Денес е последен ден за претседателските кандидати во САД да ги убедат неопределените граѓани да гласаат за нив на утрешните избори.

Претседателот Доналд Трамп и поранешниот потпретседател Џо Бајден организираат настани во повеќе сојузни држави, кои ќе бидат меѓу најважните за одлучување на резултатот од изборите.

Претседателот Трамп, во Северна Каролина, рече дека „ќе го исушиме мочуриштето Вашингтон и ќе го сочуваме американскиот сон“.

Тој рече дека ќе ја обнови економијата и оти ќе има масовна дистрибуција на вакцина против ковид-19 за неколку недели.

Тој рече дека ако Бајден е избран за претседател ќе ја врати Америка во состојба на затвор, преку карантини да се справи со коронавирусот.

Бајден, пак, во Охајо, рече:

„Завршивме со хаосот, твитовите и гневот. Карактерот на Америка буквално е на избирачкото ливче“, рече тој.

И двајцата кандидати денес имаа кампања во Пенсилванија, сојузна држава каде Бајден води во неодамнешните анкети, а каде Трамп победи во 2016 година.

Победникот во Пенсилванија заработува 20 од 270 гласови од Изборниот колеџ, кои му се потребни на кандидатот да обезбеди мандат од четири години во Белата куќа.

Резултатите од изборниот ден нема да бидат официјални и недели подоцна. Крајниот рок е различен низ сојузните држави, од кои некои треба да ги имаат резултатите една недела по изборите, додека повеќето ги очекуваат крајните резултати до крајот на ноември или почетокот на декември.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG