Линкови за пристапност

Изборната кампања почнува на 23 јуни, в петок доаѓа тим на ОБСЕ/ОДИХР


Договорот меѓу Заев и Мицкоски за избори на 15 јули, го поздрави амбасадата на САД

Спикерот на Парламентот Талат Џафери го потпиша решението за одржување на претстојните парламентарни избори

Документот е пратен до Државната изборна комисија и до Министерствата за правда и за надворешни работи со што, како што соопштуваат од кабинетот на Џафери се запазуваат уставните рокови.

Потегот на спикерот следи откако Владата доцна синоќа ја донесе уредбата со законска сила, изборите да се одржат на 15 јули.

На 13 јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин или самоизолација, поради Ковид-19. Наредниот ден, на 14, ќе гласаат немоќните и болните лица.

Кампањата, која поради епидемијата нема да предвидува големи митинзи, стартува на 23 јуни.

В петок пристигнува тим на ОБСЕ/ОДИХР што ќе го следи изборниот процес. 7-те експерти, кои ќе бидат дел од специјална изборна оценувачката мисија, ќе бидат оперативни од почетокот на идната седмица.

Политичките ривали веќе ја вклучија партиската машинерија - опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа лидерска средба.

„Разговаравме за состојбата, како и за изборите што престојат. Добив поддршка за изборите на 15 јули, на кои оваа коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе однесат победа над оваа власт“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ссоцијалдемократите се уверени во победа на 15 јули. Велат граѓаните ќе му кажат збогум на неодговорниот Мицкоски.

„За време на целата криза, дали Мицкоски и неговата фејк-њуз партија повикуваа да се почитуваат мерките, или цело време ставаа сопки и го подриваа здравствениот систем? Сетете се кој лажеше дека сме изгубиле 140.000 работни места. Кој лажеше дека во болниците имало уште 100 тестови, кога дневно се тестираа по 1.000 наши сограѓани? Кој одеше по теретани во време на забрана за работа на истите? Кој одеше по кафани во затворен простор, во време кога тоа е забрането и опасно по здравјето“, рече Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и шеф на изборен штаб.

Шефот на државата Стево Пендаровски, синоќа прогласи нова вонредна состојба, која треба да овозможи непречено спроведување на изборите.

Договорот меѓу Заев и Мицкоски за избори на 15 јули, го поздрави амбасадата на САД.

„Идниот парламент и влада ќе се соочат со сериозни одговорности, кои ќе влијаат врз иднината на земјата, вклучувајќи го и справувањето со Ковид-19 и пристапните преговори со ЕУ“, порача амбасадорката Кејт Брнз.

Слична порака прати и Унијата.

„Очекувам кредибилни избори што ќе овозможат напредок на земјата по европскиот пат“, напиша високиот претставник на ЕУ Јосеп Борел.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG