Избори на 15 јули. Власта и опозицијата конечно утврдија датум прифатлив за двете страни.
СДСМ вели дека ова е последната отстапка што ја прават за процесот да биде инклузивен. Лидерот Зоран Заев, вели дека има согласност од Христијан Мицкоски за парламентарните избори да бидат на средина на јули.
„За да не страда народот го заклучуваме 15 јули како последен ден за избори. Го информирав Мицкоски и тој ми рече дека ќе учествуваат на избори на 15 јули. 13 и 14 јули ќе гласаат болни и изнемоштени лица, болни од ковид-19, сите оние што се во самоизолација. Ова е државнички чекор на СДСМ за кој се надеваме дека ќе го поддржат сите политички субјекти, а информирани се и нашите партнери во меѓународната заедница“, рече Заев.
Пред обраќањето на Заев, од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека се подготвени за избори на 15 јули под два услова.
„Доколку се исполнат условите за доставување на набљудувачи од ОБСЕ и ОДИХР и воведување на сериозни здравствени протоколи за изборната кампања и денот на гласање, ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15-ти јули и ќе биде победничка партија“, рече Антонио Милошоски.
Следен чекор е повторно да се побара од шефот на државата да прогласи вонредна состојба, што ќе и овозможи на Владата, поради распуштениот Парламент, да ги помести изборите за среда, 15 јули.
Facebook Forum