До крајот на идната седмица, владејачките социјалдемократи ќе пресечат кој ќе ја води техничката влада која, според меѓупартискиот договор, треба да биде избрана на 3 јануари. Одлуката ќе биде донесена на партиските тела – Извршниот и Централниот одбор. Така било решено на синоќешната координација на врвот на СДСМ.
„Од тактички причини одлуката ја одложивме за крајот на следната недела. Ќе не` разберете затоа што овде се прави договор меѓу власта и опозицијата. Ние не би сакале да истрчуваме со какви било мерки. Имаме доволно време да размислиме. Се работи за избор на премиер за 100 дена, од 3 јануари се` до изборите и до формирањето на идната влада. Се работи за дополнителни двајца заменици - министри со право на вето во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, но, и за пополнувањето на испразнетото место потпретседател за економски прашања. Економијата е многу важна, сакаме тој кабинет да биде пополнет со соодветна личност“, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Како потенцијални технички премиери се споменуваат министрите за внатрешни работи и труд и социјала Оливер Спасовски и Мила Царовска. За фаворит засега важи Спасовски. Царовска, за оваа тема, не сака да зборува пред медиумите.
„Дискусиите се водат таму каде што треба да се водат, и кога ќе се донесе одлуката јавноста ќе биде запознаена“, изјави Царовска.
Наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев, кој ги брои последните денови како премиер, пред да биде наследен од технички шеф на владата, е уверен во победа на 12 април.
„ВМРО-ДПМНЕ губи на анкетите и ќе изгуби. Јас сум убеден, како што реков, дека помеѓу 60 и 120 илјади гласови ќе биде резултатот во корист на СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ“, рече Заев.
Се` уште е нејасно по кој изборен модел ќе се спроведат изборите. Заев вели дека СДСМ не се откажува од ветувањето за една изборна единица, иако оваа иницијатива е блокирана во Собранието со илјадниците амандмани што ги поднесе опозицијата, но, и владејачката ДУИ.
Facebook Forum