Имавме навистина фер и би рекол блиску до скандинавски избори. Прв пат во Македонија претседателските избори се добри. Значи тие се веродостојни и се одраз на расположението на јавноста гледано од сите аспекти. Ваква е оценката на политичкиот аналитичар Ерол Ризаов во интервју за Гласот на Америка на македонски.
„Македонија доби претседател кој претставува континуитет на оваа сегашна политика во државата што побрзо да се почнат преговорите со Европската Унија, да се стане членка на НАТО и да се демократизира земјата. Тоа значи остварување на сериозни реформи“, вели Ризаов.
Во интервјуто тој се осврнува и на очекувањата на граѓаните. „Очекувањата се големи секогаш, бидејќи Западен Балкан доцни во својата европеизација, во својот развој и економски ако сакате, во стандардот. Секогаш со промена на секоја власт или со било какви политички најави граѓаните многу очекуваат дека ќе им се подобри животот, дека ќе се остварат стратегиските интереси на државата. Меѓутоа, тие работи одат бавно и тоа не е така како што очекуваат. Од таму доаѓа големо незадоволство. Овој пат имаме една реална ситуација. Таа е остварлива бидејќи најтешкиот, најголемиот дел од блокадата кон Европа е отстранет, а тоа е Преспанскиот мировен договор со Грција“, вели Ризаов.
Facebook Forum