Линкови за пристапност

Колкави се шансите за изборна измама во САД?


Експерт за Гласот на Америка вели дека таков криминал е тешко да се изведе

Веќе со недели Трамп и неговите поддржувачи сугерираат дека нивната победа може да биде под прашање заради можна изборна измама.

„Се обидуваат да го наместат гласањето. Многу градови се корумпирани и гласачка измама е честа појава“, изјави Трамп.

Од кампањата на Трамп посочуваат на студија од 2012-та, направена од организацијата Пју, според која два милиони починати лица се` уште се регистрирани на списокот на гласачи.

Но, Џош Даглас, професор на Универзитетот во Кентаки е експерт за избори и вели дека гласање во име на некој друг не само што е федерално кривично дело туку е и тешко да се изведе.

„ Дури и во тие држави каде нема строги правила на верификација на идентитетот, сепак мора да ве верифицираат. Треба да имате брилијантен ум за да можете да предвидите кој нема да се појави да гласа и наместо тоа лице да отидете вие и притоа да успеете перфектно да го ископирате неговиот или нејзиниот потпис“, вели Даглас.

Трамп исто така тврди дека нелегални eмигранти гласаат, што е доволно за да влијае на резулатот од изборите.

Даглас вели дека само американски државјани може да се регистрираат за гласање.

„Постојат сомневања дека нелегални eмигранти се дел од избирачкиот список во одредени држави – најчесто тоа е по грешка и тие и самите не знаат дека ги има на тој список. Обично тоа се случува кога тие имале интеракција со некоја владина агенција за нешто и на тој начин автоматски се регистрирани како гласачи. Не постојат докази дека излегле да гласаат и покрај тоа што се на избирачкиот список и апослутно нема никакви докази дека илегалните мигранти се обидуваат да се инфилтрираат во американскиот изборен систем преку тајно регистрирање, а потоа и гласање“, вели Даглас.

Тој додава и дека невозможно е едно лице да гласа повеќе пати. Една од причините е потписот, но исто така има и голем број на други начини на превенција. Доколку некој се обиде да направи изборна измама сигурно ќе биде фатен од страна на лицата ангажирани на гласачките места кои остануваат таму цел ден. Освен тоа постојат и службени лица како и групи кои го набљудуваат процесот.

Даглас вели дека теоретски измама може да се случи на локалните избори каде има помал број на гласачи. Тоа може да се должи на нечесни набљудувачи или пак кражба на гласачките ливчиња, но сепак не постои доказ за измама која би можела да има големо влијание врз изборните резултати на национално ниво.

Заплашувањето на гласачите е нешто што би можело да влијае на исходот од резултатите. Во повеќето држави не смее да се води кампања на изборното место, но поддржувачите можат да бидат надвор и да ги заплашуваат гласачите пред овие да влезат внатре.

XS
SM
MD
LG