Линкови за пристапност

Груевски: Народот покажа дека сака политичка гарнитура која држи до зборот


Груевски: Народот покажа дека сака политичка гарнитура која држи до зборот
Груевски: Народот покажа дека сака политичка гарнитура која држи до зборот

„Сите ние заедно во Македонија сме победници, бидејќи победи демократијата, волјата на мнозинството граѓани, победија фер и демократските избори во Република Македонија!“, изјави ноќта меѓу неделата и понеделникот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најверојатниот старо-нов премиер на Македонија, по завршувањето на седмите, предвремени парламентарни избори.

Според Груевски, „оваа победа и оваа поддршка има многу поголемо значење и сила отколку сите досегашни победи бидејќи доаѓа по речиси пет и повеќе години во исклучително тешко време. По речиси пет години водење на државата во кои цели 2,5 години во време на најголемата светска економска криза, по две блокади за НАТО и ЕУ - во овие околности оваа победа има посебна тежина и значење за нас во ВМРО-ДПМНЕ“.

Во обраќањето пред поддржувачите, Груевски истакна дека „Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се грижи и да работи за сите граѓани на Република Македонија независно од политичката, верската и етничката припадност. За сите ќе се бориме да им помогнеме. Сите ние два милиона граѓани во оваа држава имаме иста судибина, сите имаме сон - Македонија да биде успешна и просперитетна држава, да стане членка на НАТО и ЕУ. Земја за која ќе се зборува по добро, а не по лошо, младите ќе гледаат своја иднина и перспектива во земјата, а не надвор“

Според Груевски, гласањето покажало дека дека со лаги не може понатаму. „Народот покажа на овие избори дека бара работа од политичарите, бара чесен и искрен пристап и кон работата, но и кон самиот народ и граѓанин. Народот со ова денеска побара и кажа дека сака политичари кои имаат обмислена, пресметана програма, сака политичка гарнитура која се држи до зборот. Народот не сака во иднина да биде изневеруван како што некогаш во минатото му се случуваше, затоа ја даде поддршката на луѓето за кои забележа дека во овие 4,5 години навистина дадоа максимум што можеа да го испочитуваат она што го ветија во Програмата“, рече Груевски

Претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски им упати честитки до сите граѓани на Република Македонија и на политичкиот противник Груевски за изборниот резултат. „Почитувани граѓани, народот е секогаш во право, дури и кога греши! Ја користам оваа прилика да упатам честитки до сите граѓани на Република Македонија кои што се решија да излезат на избирачките места. Посебна благодарност сакам да упатам на оние кои ни ја дадоа поддршката, која беше огромна, 370.000 гласови. И покрај се` што се случуваше во изминатите два месеца и јас ги упатувам моите честитки до господинот Груевски за изборниот резултат...“

Според Црвенковски, „битката допрва доаѓа. Ако не видовте што можеме да направиме со 18 пратеници во Собранието, можете да замислите што можеме со 43 пратеници... Ние не запираме тука, ќе дадеме се од себе во наредниов период. Времето на СДСМ доаѓа, тоа ви го гарантирам!“, рече Црвенковски.

Кандидатот за премиер на СДСМ Радмила Шеќеринска, изјави дека и покрај заканите, уцените, притисоците и стравот кои власта го злоупотребуваше, му честита на Груевски за постигнатиот резултат. „Меѓутоа ве уверувам, дека победата што ја издејствуваа е пирова победа. Бидејќи огромен број на македонски граѓани, вечерва покажаа дека и покрај се, се одлучуваат и бараат промени... Вистинската битка продолжува, вистинската битка ќе продолжиме да ја биеме и во Собранието, сега како многу силна опозиција, ама опозиција која ќе ги брани вистинските интереси на Македонија, но и како опозиција која што ќе продолжи со овој контакт, со секој човек, со секој граѓанин на Република Македонија, како што и правевме на овие избори. Власта веќе нема да може да биде единствен господар, во Собранието на Република Македонија и да ги диктира условите на сите нас како граѓани на државата“, изјави Шеќеринска.

Лидерот на победничката партихја во албанскиот блок Али Ахмети, по изборите изјави дека граѓаните се сведоци на една голема победа на ДУИ, на една голема победа на Aлбанците која е постигната на демократски начин, без инциденти, без притисок и без насилство.

„Ние покажавме една голема демократска култура“, потенцираше Ахмети, според кого победата им припаѓа на сите Албанци, кои докажале дека знаат да гласаaт според стандардите на демократските земји. Според лидерот на ДУИ, неговата партија со кадарот што го има, ќе успее да излезе со чист образ пред сите оние кои им го доверија гласот, а „тоа се околу 60 проценти од албанскиот електорат“.

Политичкиот противник на Ахмети, идерот на ДПА, Мендух Тачи излезе со искрена честитка на опонентите од ДУИ. А готиварскиот градоначалник, лидерот на новата партија, Националната демократска преродба, која како единствена „мала“ партија ќе има пратеници во парламентот покрај големата „четворка“, на сите граѓани на Македонија, а особено на албанските избирачи им честиташе за покажаната висока свест и за спроведувањето на фер и демократските избори.

Руфи Османи посочи дека во изборната кампања се вршел притисок врз електоратот, уценувања, лажни ветувања и купување на гласови и потенцираше дека иселениците - етнички Албанци биле двојни губитници.

„Конечните резултати на овие предвремени парламентарни избори, укажуваат дека албанската опозиција успеа да обезбеди еднаков број на гласови со албанската позиција, што се случува по првпат во последните години“, рече Османи, кој им се заблагодари на сите поддржувачи и симпатизери, истакнувајќи дека “НДП ќе продолжи со своето структурирање и во иднина ќе стане политичка алтернатива во подем“.

XS
SM
MD
LG