Американските гласачи за помалку од шест недели гласаат за нов состав на Конгресот – за сите 435 места во Претставничкиот дом, како и за 37 од 100-те во Сенатот. Резулатите може да имаат големо влијание врз тоа како ќе владее претседателот Барак Обама во преостанатите две години на функцијата.
Десетици илјади членови на конзервативното движење Ти парти годинава неколкупати се собраа во Вашингтон, незадоволни од политиката на претседателот Обама и демократите во Конгресот.
Џулија Меклауд, која учествуваше на собирот во август, вели:
„Загрижени сме што прави Конгресот, Обама. Сакаме помало влијание од владата. Не сакаме зголемување на даноците“.
Гневот меѓу конзервативците се должи на фрустрацијата од состојбата со домашната економија, особено невработеноста, вели истражувачот на јавното мислење Питер Браун:
„Се` додека стапката на невработеност не се намали значително, не е веројатно дека гласачите ќе гледаат пооптимистично на економските текови и тоа веројатно нема да биде добро за претседателот Обама“.
Се очекува републиканците да освојат повеќе конгресни места поради загриженоста за растечкиот буџетски дефицит и гломазноста на владата, смета експертот Џон Фортие од Институтот Ентерпрајз.
Анкетите за Обама бележат пад, но тој останува најдобра надеж за демократите дека ќе успеат да го задржат мнозинството во Конгресот.
„Се работи за заплашување наспроти надеж. Се` уште е работа на минато наспроти иднина, одење напред или назад. За тоа се работи на овие избори. Тоа ќе биде изборот во ноември“, вели Обама.
Експертите, пак, се согласни дека републиканците ќе забележат усшех во ноември. Единствено прашање е колкав, вели Питер Браун.Тоа од корен би го изменило начинот на владеење на Обама, додава Џон Фортие:
„Колку и да добијат републиканците, ќе направи да биде различно наредните две години – или мали победи, или голем судир меѓу партиите. Нема да има време за другите нешта на големата легислативна агенда на Обама“.
На републиканците им требаат 39 места за да преземат контрола врз Претставничкиот дом и 10 за во Сенатот.