Откако Доналд Трамп кажа дека можно е да не ги признае резултатите од, како што ги нарече, наместените, претседателски избори, загриженоста дека таквата реторика можно е да поттикне насилство на денот на изборите, поттикна бројни владини претставници низ САД да се подготват за такво сценарио.
Повиците на републиканскиот претседателски кандидат до неговите симпатизери да волонтираат како набљудувачи, особено во областите каде Хилари Клинтон има голема популарност, исто така ја зголемија загриженоста за можно насилство на 8-ми ноември. Истовремено, по неодамнешни судски одлуки, постои нагло намалување на бројот на специјалните изборни набљудувачи кои федералната влада може да ги постави на гласачките места.
Според неодамнешна анкета на Ју-Ес-Еј Тудеј и Универзитетот Суфолк, 51 процент од потенцијалните гласачи се загрижени за можно насилство наредниот месец, а речиси половина од испитаниците се изјасниле дека се „мошне загрижени“.
Поранешниот конгресмен Џо Волш се чини дека долеа оган на реториката кога преку Твитер кажа: „На 8-ми ноември ќе гласам за Трамп. На 9-ти ноеври, ако изгуби, ќе ја грабнам пушката. Дали сте со мене?“
Волш подоцна изјави дека референцата „пушка“ била метафора за тоа дека гласачите треба да го изразат своето незадоволство преку активности на граѓанска непослушност.
Во меѓувреме, гувернерот на Кентаки Мет Бевин, сугерирал дека крвопролевањето би било „неопходно“ за „враќање“ на земјата, доколку за претседател биде избрана демократката Хилари Клинтон.
Комисијата за помош во изборниот процес, мала владина агенција, за Гласот на Америка изјави дека соработува со локални изборни претставници за да „обезбеди континуитет, безбедност и интегритет на изборите во Америка“.
Одделот за правда и ФБИ соопштија дека ќе бидат подготвени да одговорат на каков бил вид насилство на гласачките места, со тоа што се поставени монитори на одредени локации, а команден центар, од седиштето на Бирото во Вашингтин, ќе ги следи случувањата ширум САД.
Во командниот центар ќе има и персонал на Одделот за правда и Одделот за домашна безбедност, за да се обезбеди дека ќе се постапи согласно законот, доколку има дојави за негова злоупотреба, како и доколку се регистрираат закани по безбедноста.