Лас Вегас — Едно лице загина, а уште седум се повредени откако возило марка „Tesla“ се запали и експлодира пред хотелот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во Лас Вегас, соопштија властите.
Официјални лица од полиција во Лас Вегас и противпожарната служба на округот Кларк на прес-конференција соопштија дека едно лице загинало во возилото и дека работеле на извлекување на телото.
Други седум лица кои биле во близина се здобиле со полесни повреди и се пренесени на лекување во болница.
Портпаролката на округот во соопштение рече дека пожарот кај Интернационален хотел Лас Вегас Трамп бил пријавен во 8:40 часот наутро по локално време.
Не е наведена причината за пожарот, ниту пак има детали.
„Знам дека имате многу прашања“, рече Џереми Шварц, вршител на должноста специјален агент на ФБИ за канцеларијата во Лас Вегас, на прес-конференцијата. „Немаме многу одговори“.
Ерик Трамп, син на новоизбраниот претседател и извршен потпретседател на Организацијата Трамп, на социјалната мрежа „X“ објави за пожарот. Тој ги пофали противпожарните служби и локалната полиција „за нивната брза реакција и професионализам“.
Хотелот, кој е на 64 спрата, се наоѓа веднаш до познатиот дел Лас Вегас Стрип – каде има туристички хотели и казни, а преку улица се наоѓа трговскиот центар „Фешн Шоу“ во Лас Вегас.