Двајца експерти за права на Обединетите нации побараа Хамас да биде повикан на одговорност за мноштво наводни злосторства, вклучително и сексуална тортура, за време на неговиот терористички напад врз Израел на 7 октомври.
Алис Џил Едвардс, специјален известувач на ОН за тортура и Морис Тидбал-Бинц, специјален известувач за вонсудски убиства, се независни експерти назначени од Советот за човекови права на ООН, но не зборуваат во име на Обединетите нации.
И двајцата рекоа дека се поголем број докази укажуваат на такви вознемирувачки, тешки дела на „сексуална тортура (вклучувајќи) силувања и групни силувања, сексуални напади, осакатувања и истрели од огнено оружје во пределот на гениталиите.
„Овие дејствија претставуваат грубо кршење на меѓународното право, што се воени злосторства, кои, со оглед на бројот на жртвите и обемното планирање на нападите, исто така може да се квалификуваат како злосторства против човештвото“, се вели во соопштението.
Експертите укажаа на докази за поединци запалени живи и пронајдени тела обезглавени, осакатени или со трауми во согласност со егзекуциите.
„Секоја жртва заслужува да биде признаена, без разлика на нивната етничка припадност, религија или пол, а нашата улога е да бидеме нивниот глас“, додаваат тие.
Израел претходно ги критикуваше ОН дека не направиле доволно за да се справат со ваквите акти на насилство што се случија за време на терористичкиот напад на Хамас, што ја предизвика војната што беснее во Газа и резултираше со околу 1.140 смртни случаи во Израел, според извештајот на агенцијата Франс прес заснован на официјални израелски бројки.
Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка група, зеде и околу 250 заложници, од кои 132 остануваат заробени, вели Израел. Се верува дека најмалку 24 се убиени.
Израел одговори со немилосрдно бомбардирање на Појасот Газа и копнена инвазија во која загинаа повеќе од 23.000 луѓе, повеќето жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.
Некои материјали за овој извештај дојдоа од Ројтерс и Асошиетед прес.