Линкови за пристапност

Екс-министри за здравство на средба со Мизрахи, Анкетната комисија за Онкологија почна со работа


На Клиниката за онкологија недостасува терапија бидејќи нема регистер на пациенти и не може да се направи прецизна набавка, а разнишана е и довербата на пациентите
На Клиниката за онкологија недостасува терапија бидејќи нема регистер на пациенти и не може да се направи прецизна набавка, а разнишана е и довербата на пациентите

Претседателката Мизрахи не открива за кого станува збор и дали ќе бидат повикани како сведоци пред Комисијата, уверува дека нема да бидат парасудски орган, но ќе бидат првата Комисија која ќе ја заврши работата а наодите и заклучоците ќе им послужат и на истражните органи.

СКОПЈЕ – Анкетната комисија во Собранието која ќе утврдува дали има политичка одговорност во скандалот на Клиниката за онкологија и дали се прекршени правата на пациентите денеска ја одржа првата седница а веќе попладнево, претседателката Рашела Мизрахи, ќе разговара со поранешни министри за здравство. Сепак таа не ги открива нивните имиња и дали потоа евентуално би биле повикани како сведоци пред Комисијата.

„Согласно наодите од медиумите би требало да се информираме не само од актуелниот министер туку и останати министри. Можам да потврдам дека ќе имам состанок со одредени министри во Собранието“, изјави Мизрахи.

Анкетната комисија нема судски овластувања и нема да се однесува како инквизиција, ќе работи објективно и ќе донесе заклучоци врз основ на релевантни и вистинити факти, а наодите и решенијата на Комисијата може да им послужат и на истражните органи, најави претседателката Мизрахи

„Бараме политичка одговорност. Таа е објективна. Од наодите на анкетната Комисија може да произлезат заклучоци кои се основа за поведување на постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции согласно член 76 од Уставот Искрено се надевам и верувам дека ова ќе биде првата анкетна комисија која ќе ја заврши работата, ќе утврди наоди и ќе предложи решенија“, рече Мизрахи, по седницата.

Може да произлезат заклучоци кои се основа за поведување на постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции
Рашела Мизрахи

Анкетната комисија има рок па затоа седниците ќе биде со згуснат распоред и можно е да се одржуваат секој ден.

Пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ, член на Комисијата, смета дека треба да се испитува работењето на именуваните функционери петнаесетина години наназад.

„Со оглед на информациите дека постоеле индиции и пријави до Основното јавно обвинителство, уште пред десетина години, за наводни злоупотреби, би требало како одговорна Анкетна комисија да разгледаме дали тоа некој ги криел предметите во фиока и друга злоупотреба со што не излегла виделината на површина“, рече Коциќ.

Пратеникот од ДУИ, Арбен Зибери, апелираше до политичките партии оваа Комисија да не ја гледаат како можност и борба за политички поени.

На Клиниката за онкологија има недостиг на лекови што се должи поради фактот што отсуствува регистер на пациенти и затоа не може да се направи соодветна набавка на терапија.

„Сѐ уште немаме регистар на пациенти болни од канцер. А, такво нешто нѝ е потребно. Буџет за лекови не може да се прави без да имаме регистар – колку пациенти има и од што се тие болни. И тоа не само за рак туку и за сите други болести“, изјави Лидија Пецова – Претседател на „ХЕМА-ОНКО“.

Според директорката на Клиниката, др Виолета Клисаровска, пациентите немаат многу доверба во персоналот.

Отворени сме со целата документација и сите податоци коишто се потребни од стартот па сѐ до ден денес.
Виолета Клисаровска, директорка на Клиниката за онкологија

„Клиниката за онкологија останува достапна на сите истражни органи. Отворени сме со целата документација и сите податоци коишто се потребни од стартот па сѐ до ден денес. Секојдневно се судираме со секакви вербални и други искушенија од страна на пациентите. Но, не ги обвинуваме нив и се трудиме да се објасниме колку што можеме. Се надевам дека со дела почнеме да докажуваме дека треба да се враќа довербата на пациентите“, изјави Клисаровска.

Од Обвинителството без нови информации околу текот на истрагата, а она што е познато е дека двајца обвинители ја водат предистрагата, консултирани се експерти за да се следи трагата на биолошката терапија, контактирано е со истражни органи во Косово и Албанија и се вршат распити вработени и пациенти.

На клиниката се регистрирани 70 илјади, а три и пол илјади се нови дијагностицирани. Во последните девет месеци 42 илјади пациенти поминале низ дневната болница на Клиниката.

XS
SM
MD
LG