Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева изјави дека светската економија се очекува да порасне за помалку од 3 отсто оваа година, што е намалување од 3,4 отсто минатата година, зголемувајќи го ризикот од глад и сиромаштија на глобално ниво.
Георгиева рече дека растот се очекува да остане околу 3 отсто во следните пет години, нарекувајќи го „нашата најниска среднорочна прогноза за раст од 1990 година и далеку под просекот од 3,8 отсто од изминатите две децении“.
Таа рече дека побавниот раст би бил „сериозен удар“, што ќе им отежне на земјите со ниски приходи да го достигнат чекорот.
„Сиромаштијата и гладот може дополнително да се зголемат, опасен тренд што започна со кризата со ковид“, рече таа.
Коментарите на Георгиева доаѓаат во пресрет на пролетните состаноци на ММФ и нејзината сестринска агенција за заеми, Светската банка, следната недела во Вашингтон, каде што креаторите на политиката ќе се состанат за да разговараат за најитните прашања на глобалната економија.
Годишниот собир ќе се одржи додека централните банки ширум светот продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки за да ја скротат постојаната инфлација.
Шефицата на ММФ рече дека постојано високите каматни стапки, серијата пропаѓања на банки во САД и Европа и продлабочувањето на геополитичките поделби, се закана за глобалната финансиска стабилност.
Извор: АП