Линкови за пристапност

Економијата на Украина ќе продолжи да расте следната година, соопшти ММФ


Во јуни, ММФ прогнозираше дека растот на бруто-домашниот производ на Украина ќе биде во опсег од 1% до 3% оваа година
Во јуни, ММФ прогнозираше дека растот на бруто-домашниот производ на Украина ќе биде во опсег од 1% до 3% оваа година

Украинската економија добро се прилагодува на воената средина по руската инвазија и растот ќе продолжи следната година, изјави во средата заменик-шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Натан Епстајн, заменик-шеф на мисијата за Украина, рече дека домашната побарувачка и силната приватна потрошувачка ги поттикнуваат активностите.

„Економијата секако се прилагодува на воената средина покажувајќи извонредна издржливост и очекуваме растот да продолжи следната година“, рече тој на брифингот за медиумите.

Во јуни, ММФ прогнозираше дека растот на бруто-домашниот производ на Украина ќе биде во опсег од 1% до 3% оваа година.

Епстајн рече дека очекува растот да биде поблиску до горната проценка.

Економијата на Украина е тешко погодена откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година, а владата во голема мера се потпира на помошта од Запад за финансирање на социјалните и хуманитарните плаќања.

Мисијата на ММФ беше во Киев на состаноци со владини претставници и други засегнати страни оваа недела, за да разговараат за макроекономските цели и структурните реформи како дел од вториот преглед на повеќегодишната програма за заем на Фондот од 15,6 милијарди долари.

Претставници на ММФ рекоа дека програмата генерално е добро извршена и дека украинската влада ги исполнила квантитативните цели за програмата, но оти работата допрва треба да се заврши на структурните одредници кои вклучуваат чекори за управување, антикорупција и фискална политика.

Четиригодишната програма за Киев е дел од глобалниот пакет од 115 милијарди долари за поддршка на економијата додека Украина се бори со руските сили.

ММФ, исто така, повторно го отвори своето претставништво во Украина денес, а претставници на Фондот рекоа дека тоа ќе помогне да се продлабочи соработката.

XS
SM
MD
LG